• петок, 22 ноември 2024

Лукашенко ја обвини Украина за провокации на границата

Лукашенко ја обвини Украина за провокации на границата
Минск, 4 октомври 2022 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска ја обвини соседна Украина дека испратила 15.000 војници во граничната област за да изгради одбрана и да изврши извидување, што тој ги нарече провокативни акции.
Во февруари Лукашенко му дозволи на својот близок сојузник Русија да ја искористи белоруската територија за да ја нападне Украина. Но, тој рече дека Белорусија не е страна во конфликтот и дека нејзините сили не се вклучени.
Во изјавата што ја пренесе државната агенција БелТА, Лукашенко рече дека украинските војници кои дошле на границата ги блокирале патиштата и поставувале контролни пунктови и пукачки позиции.
„Со еден збор, не само што беа подигнати барикади, туку беше изграден и ѕид. Постојано се врши оптичко, радиоелектронско и радиотехничко извидување на нашата територија, армија и објекти“, рече Лукашенко.
„Тие често ја нарушуваат државната граница со своите дронови. И притоа се грижат: 'Не дозволувајте Белорусија да влезе во војна'. А на граница постојано има провокации“, додаде тој.
Лукашенко рече дека неговата земја е вклучена во конфликтот само за да го спречи неговото ширење во Белорусија и „да спречи напад врз Белорусија под маската на специјална воена операција од Полска, Литванија и Латвија“.
„Како што им кажав на Русите, никој нема да пука во грб од територијата на Белорусија“, нагласи тој. паг/
 
   

Остани поврзан