• вторник, 19 ноември 2024

Лукаревска: Европската перспектива треба да е заеднички именител на сите политички чинители

Лукаревска: Европската перспектива треба да е заеднички именител на сите политички чинители

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Стратешката цел за членство во ЕУ е на дофат и оттаму, уставните измени се обврска за да продолжи европскиот пат, не е тоа перспектива на СДСМ и на оваа Влада или на некои нејзини членови, туку треба да е именител на сите политички чинители во државата, истакна заменик-претседателката на СДСМ Сања Лукаревска во емисијата „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“.

Лукаревска повика сите пратеници да бидат на висина на одговорноста пред граѓаните и државата, да дадат придонес во реализација на уште една стратешка цел.

-Од денот на независноста нашата траса е кон ЕУ и НАТО. Тоа со НАТО го завршивме. Втора стратешка цел е ЕУ за која секојдневно многу зборуваме и конечно треба да ја оствариме. Не би сакала да верувам дека постои некој во Собранието, некој од пратениците што не и мисли добро на државата. ЕУ значи сигурност, развој и раст во секој поглед, но да стигнеме до таа фаза мора да ги завршиме своите задачи дома, а тоа ќе го сториме само со дијалог и со висока политичка култура, затоа што друга алтернатива освен ЕУ ние немаме, рече Лукаревска.

Лукаревска посочи дека лажните вести за наводна „бугаризација“ и „асимилација“, за бришење на македонскиот јазик што опозицијата ги пласираше на крајот пропаднаа, а најдобар доказ за тоа е потпишувањето на Договорт за Фронтекс на официјален македонски јазик без никакви фусноти и додавки.

-Имаме два концепти, за ЕУ предводен од СДСМ и за враќање назад кое никој не знае каде ќе не однесе, но, сите оние коишто длабоко во себе и мислат добро на државата треба да застанат на патот за европската иднина и членство во ЕУ, исткана заменик-претседателката на СДСМ.

Таа посочи дека за кратко време направиле многу работи и не смееме да си ја сечеме гранката самите.

-Веќе преговараме директно со ЕУ, тече скринингот. Уставните измени значат продолжување на европскиот пат и обезбедување напредок за идните генерации, но не е прашањето само за уставните измени туку и за реформите. Ние преговараме со ЕУ и одиме кон Брисел, а не кон Софија. Тука треба да биде јасно која е нашата цел, нагласи Лукаревска.

Таа посочи дека Мицкоски говорел по амбасади дека ќе гласа за уставни измени ама после избори. Лукаревска прашува што е тука разликата, што ќе се промени.

-Не 80 пратеници, јас мислам дека 120 пратеници треба да го дадат својот глас за уставните измени. Џабе се сите партиски рејтинзи ако на крај од овој пат немаме столче со полноправно членство во ЕУ. СДСМ носи државотворни одлуки. Ова не е прашање кое го засега само СДСМ туку државата, иднината, сите граѓани. Долго време бевме во чекалната на ЕУ и сега членството ни е на дофат. Принципот на блокада не е прифатлив во современото време. Тоа е политиката од некое дамнешно време. Не може да има блокади на европската иднина, или во Собранието на закони за граѓаните, за поголеми плати, за мерки, рече заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска. ир/хс/

 

 

Тагови

Остани поврзан