• понеделник, 23 декември 2024

Лошото второ полувреме го чинеше пораз Вардар на дуелот со Кил

Лошото второ полувреме го чинеше пораз Вардар на дуелот со Кил
Скопје, 27 октомври 2021 (МИА) – Македонскиот ракометен првак Вардар го запиша третиот пораз во низа во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ вечерва во СЦ „Јане Сандански“ загубија од Кил со 29:26 во меч на двата поранешни европски шампиони. Вардарци останаа без бодови, иако на полувреме имаа убава предност од три гола (13:10). Сепак, во вторите 30 минути, цврстата одбрана на домаќинот не функционираше, па беа примени 19 гола што на крајот се покажа премногу за да се дојде до позитивен резултат. На другите два денешни натпревара од шестото коло во А-групата, Монпелје на гости го победи Загреб со 25:22, додека Сегед на домашен терен беше поуспешен од Алборг со 31:28. На табелата води Монпелје со 9 бода, Кил има 9, Алборг и Сегед имаат по 8, Елверум е петти со 6, Вардар има 5, Загреб е претпоследен со 1, последен е Мешков Брест без освоен бод. зс/

Остани поврзан