• сабота, 23 ноември 2024

Лоренс Бун за МИА: Доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија

Лоренс Бун за МИА: Доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија

Скопје, 22 јули 2023 (МИА) - Уставните измени се дел од договорот што го постигнаа Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување. Нема други барања. Доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија.

Ова го порача Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција во разговор за МИА прашана дали актуелната состојба со уставните измени може да влијае и на подготовката на скрининг извештајот за земјава. Имено еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји неодамна најави дека скрининг извештајот за Тирана ќе биде претставен наскоро без да напомене кога да се очекува тој за Скопје и дали тоа и де факто ќе значи раздвојување на двете земји во процесот.

-Многу сме среќни што уставните измени се ставени на маса и процесот почнува, бидејќи тоа е многу важно. Северна Македонија и Албанија се двете земји кои беа предводници во поглед на реформите за приклучување кон ЕУ. Тоа се две земји кои што навистина напредуваа со кластерите и патоказите што требаа да ги исполнат. Уставните измени се дел од договорот што го постигнаа Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување откако тие ќе бидат изгласани, и мислам дека е многу важно да се нагласи тоа. Нема други барања за започнување на процесот на пристапување. Истовремено, иднината на ова отворање на пристапните преговори е во рацете на Собранието и Северна Македонија има суверено право за да одлучи што сака. Но, се надеваме дека ова ќе се случи, дека земјата ќе се придружи на семејството на ЕУ, и се надеваме дека Северна Македонија и Албанија ќе продолжат да бидат предводници, исто како што беа во изминатите години. Очигледно е дека постои ризик од раздвојување доколку не се усвојат уставните измени пред крајот на годината, вели Бун.

Во разговорот за МИА заедно со Ана Лирман, министерка за Европа на Сојузна Република Германија и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Република Полска, за време на нивната посета на земјава, француската државна секретарка се осврнува и на улогата на новата методологија и проширувањето. Прашана колку новата методологија за која се залагаше Макрон навистина го забрза процесот, Бун е децидна дека таа досега воопшто не е тестирана, посочувајќи дека Скопје и Тирана би биле првите на кои таа би почнала да се применува. 

-Прво, и мислам дека со ова ќе го повторам она што е веќе кажано, прашањето за нас не е дали ќе има проширување, туку, како што кажа претседателот, ова треба да се случи што поскоро, и прашањето е како. Новата методологија сè уште не е тестирана, Албанија и Северна Македонија би можеле да бидат првите две држави што ќе ја следат оваа нова методологија. Која е нејзината цел? Целта е да бидеме побрзи и поефикасни со проширувањето. Па така, секој пат кога државата ќе напредува кон законодавството на ЕУ, ќе има придобивки од тој напредок. Знаете дека со старата методологија мораше да се чека да се реши сè за државата да може да ги почувствува придобивките. Овој пат тоа претставува еден вид на брза лента, која е исто толку ригорозна околу реформите како и претходно и претставува можност за државата да се запознае со нашиот процес и метод, и да ги добие придобивките побрзо од претходно, нагласува Бун.

Паралелно со новата методологија, нагласува таа, треба да се одвива и процесот на реформи на ЕУ.

-Истовремено, ние мора да ја реформираме и Европската унија, треба да бидеме поагилни, пофлексибилни кога треба да одговараме и да создаваме нови политики, и додека државите како Северна Македонија и Албанија работат на нивните реформи, ние ќе работиме на нашата домашна работа и нашите реформи, вели француската дипломатка појаснувајќи ја изјавата на претседателот Макрон дека проширувањето треба да се случи што е можно побрзо, но и дека се потребни реформи во ЕУ за да може да функционира со повеќе членки. 

Таа уверува и дека 2030 година е достижна цел за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ. 

-Околу датумот, 2030, апсолутно тоа е амбициозна цел на која Северна Македонија треба да се надева затоа што е многу возможна цел, затоа што Северна Македонија го има капацитетот и ние имаме капацитет да ѝ помогнеме на Северна Македонија да ја оствари оваа цел. Треба да ја одржиме оваа амбициозна цел, и да направиме сè што можеме да ја оствариме, па дури и порано доколку е возможно, вели Бун.

За тоа како по сите блокади низ годините да се врати поддршката за ЕУ во земјава и кредибилитетот на евроинтегративниот процес, Бун, вели токму новата методологија е одговор на прашањето.

-Целосно го разбираме заморот и тоа е делумно поради старата методологија, што е и причината зошто денес сме толку мотивирани да го забрзаме целиот тој процес со новата методологија, да се погрижиме да има помалку фрустрации и да можеме да продолжиме напред. Заморот се обидуваме да го решиме со новата методологија, што да повторам, е сосема разбирливо. Светот е сменет и сите ние во Европската Унија го разбираме тоа и сакаме промена. Сакаме оваа промена да го направи континентот побезбеден, постабилен и со поголем економски раст и работни позиции за сите граѓани за да не мораат да патуваат во други земји и да можат да имаат добар живот во своите земји. Ова е важно за сите нас, бидејќи сите работиме подобро кога сме заедно, а затоа и сакаме да го забрзаме процесот. Уште од почетокот на годината имавме ред состаноци и луѓе кои постојано работат на процесот на проширување, и можам да ви кажам дека досега немало ваков момент и ентузијазам за процесот на проширување, оценува француската државна секретарка. 

Таа го потенцира и значењето на прашањето на стабилноста и безбедноста.

-Третата точка на која сакав да се осврнам е стабилноста и безбедноста. Светот се промени, се фрагментираше и војната дојде до нашите граници. Неоправдана и страшна војна. Не сакаме нашите соседи, земјите кои припаѓаат на европското семејство, да се оддалечат од нас. Треба да се зближиме, треба да бидеме попријателски настроени едни кон други за да го направиме нашиот континент побезбеден. Фрагментирањето никогаш не е добро. Затоа сметам дека сите треба да веруваат оти ЕУ и нејзините методи се променети. Во наш интерес е да се погрижиме Албанија, Северна Македонија и останатите земји на Балканот да станат дел од семејството на ЕУ. Ова е единствената шанса да се погрижиме судбината на овој континент, преку процесот на проширување, да стане мирна и просперитетна, а сакаме и вие да сте дел од тоа, порачува Лоренс Бун.

Виолета Геров

Фото: Фросина Насковиќ

Видео и монтажа: Борис Куноски, Аслан Вишко и Срѓан Крстиќ

Остани поврзан