• понеделник, 23 декември 2024

Локалниот совет за превенција на Струмица ќе ги решава проблемите со дрвосечачките возила-машини и питачењето на малолетниците

Локалниот совет за превенција на Струмица ќе ги решава проблемите со дрвосечачките возила-машини и питачењето на малолетниците

Струмица, 2 мај 2023 (МИА) - Локалниот совет за превенција на Струмица ќе побара мерка во Законот за возила со која униформираните полициски службеници и другите инспекциски служби од државно ниво да имаат право на одземање на дрвосечачките возила-машини во моментот кога ќе утврдат дека со нивното присуство предизвикуваат општа опасност и го загрозуваат животот на сите учесници во сообраќајот.

Ова е еден од заклучоците на Советот за превенција од одржаната последна седница и со него се сугерира транспортот на овие машини да се врши со влечни или шлеп возила до местата каде што има потреба од нив.

По проблемот со питачењето од страна на малолетници на улиците во градот, предложено е во решавањето на овој проблем да се вклучат и невладините организации и Центарот за социјални работи од Струмица преку посебни мерки и планови да се влијае на психолошкото однесување на децата и подигањето на свеста дека треба да посетуваат воспитно-образовни институции, а не да бидат на улиците.

Од советот додаваат дека не е голем бројот на таквите деца, но целта е децата воопшто да ги нема на улиците.

На Локалниот совет за превенција повторно се разговарало за дивите продавачи на јавните површини и надвор од Пазарот на големо за кои се спроведуваат тековни акции во заедничка соработка меѓу општинските инспектори и униформираните службеници од СВР Струмица. Заклучено е во зависност од обемот на нивното присуство да биде вклучена и државната пазарна инспекција, бидејќи целта е дивите продавачи да ги нема на јавните површини и надвор од Пазарот на големо. рт/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан