• сабота, 23 ноември 2024

Лице в лице 46: Да негуваме туризам одговорен кон природните ресурси и кон заедницата

Лице в лице 46: Да негуваме туризам одговорен кон природните ресурси и кон заедницата
Скопје, 8 јули 2021 (МИА) - Придобивките кои ги носи создавањето и практикувањето одговорен и одржлив туризам е главен фокус на 46. издание на списанието за одржлив развој „Лице влице“, кое излегува денеска.  Од „Лице в лице“ соопштија дека најновиот број ги претставува и природните убавини и потенцијали што ги има нашата земја, кои нудат незаборавно активно и авантуристичко искуство, при тоа, повикувајќи на одговорно патување. Како што посочуваат, проекциите се дека одговорниот туризам ќе може да ги намалува на минимум негативните социјални, економски и еколошки влијанија, и во исто време, да создава поголема економска корист за локалните заедници, да ги подобрува работните услови и да ги вклучува локалните луѓе во донесувањето одлуки што влијаат врз нивниот живот и можности во животот. -При тоа, позитивно ќе придонесува за зачувување на природното и на културното наследство, а почитувајќи го диверзитетот, ќе обезбедува и поголемо уживање за туристите преку подлабоки конекции со локалната заедница, како и поголемо разбирање на локалните културни, социјални и еколошки теми. И исклучително важно, ќе обезбедува пристап за луѓе со попреченост. - Топката е кај нас, патниците. Искуствата ни ги прават автентичните луѓе, тие што успеале да го зачуваат шмекот, миризбата и духот на географијата во која живеат со генерации, тие што успеваат од локалното да направат глобално искуство за посетителот, велат од „Лице в лице“. Катерина Василеска од платформата „Genuine Experiences“ истакна дека одржлив пристап во туризмот значи користење на постојните ресурси штедливо и на начин што истовремено ќе ги задоволи нашите потреби, без притоа да се загрози опстанокот на следните генерации. - На пример, ако денеска имаме потреба од повеќе хотели за да сместиме повеќе туристи и да имаме поголем приход, може да изградиме уште 100 нови хотели во Охрид што ќе ни овозможат да го оствариме тоа што го сакаме, ама ќе им го загрозат животот и секојдневието на идните генерации,  вели Василеска. Таа смета дека масовниот туризам, кој е доминантен во моментов во нашата држава, е сосема неодржлив и дека, освен профитот за мал број луѓе, нема никакви други придобивки. Александар Донев од „Mustseedonia“, организација за промоција и за развој на одржливи патувачки искуства и одговорни активности на отворено, вели дека сме сведоци на сериозни промени на трендовите што ја обликуваат големата туристичка индустрија, која вработува еден од десет луѓе на светско ниво. - Вообичаениот туризам има пораст од пет проценти на годишно ниво, додека автентичниот - авантуристичкиот туризам расте со повеќе од 65 проценти во последните седум години. Во новата нормална состојба овие бројки се уште поголеми и сите анализи и предвидувања се во корист на авантуристичкиот туризам и покажуваат дека повеќе од кога било туристите даваат приоритет на одржливата и одговорна практика и на престојот во природа, во мали групи и сакаат нивното искуство да има што помал импакт на животната средина, да биде автентично и да ѝ помогне на локалната заедница што ја посетуваат, вели Донев и додава дека за развој на одржливиот туризам во земјава, пред сѐ, e потребна национална стратегија, која и вистински ќе се спроведува. Од „Лице в лице“ посочија дека во ова издание на списанието се откриваат и сите автентични македонски предели кои се препорачуваат како задолжителна станица за сите што сакаат да комбинираат активен и културен туризам, и при тоа, се повикува на истражување на места кои носат незаборавни искуства, како летање со параглајдер, искачување карпи и планини, возење велосипед, нуркање.бт/лв/

Остани поврзан