• понеделник, 23 декември 2024

„Лице в лице“ слави 9 години од своето постоење

„Лице в лице“ слави 9 години од своето постоење
Скопје, 16 септември 2021 (МИА) - Со кампањата „Проверувај, па верувај“, која започнува денеска, со излегување на новото 47.издание на „Лице в лице“, списанието за одржлив развој ја одбележува 9-тата година од своето постоење. Во рамки на одбележување на деветгодишнината, преку новиот број на „Лице в лице“ од списанието даваат свој придонес кон спречување на дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, нудејќи контранаративи на овие негативни предизвици на новото доба. - Лагата веќе го обиколува светот, додека вистината ги обува чевлите, е мотото кое го носи 47. издание на „Лице в лице“. Кампањата започна во Струга, каде граѓански организации, медиумски работници, млади луѓе – волонтери и ученици, претставници на институции и локална самоуправа, учествуваа во кокреирањето на содржините за ова издание „Лице в лице“, стои во соопштението од списанието. Дополнуваат дека со овие активности потсетуваат за свесноста за дигиталните комуникациски технологии, кои драматично го променија нашиот однос кон содржината, изворот и пренесувањето на информациите. - Бројните медиумски содржини и онлајн живеење, не нè направија отпорни и способни за препознавање на лажните вести и говорот на омраза, па многумина се мета на лажни вести и говор на омраза. Оттука, потребно е да работиме на свесност и совесност, уште во образовниот процес, велат оттаму. Со новото издание, посочуваат, „ставаме посебен акцент на говорот на омраза кон луѓето со интелектуална попреченост, кон луѓето со вишок килограми, но, и кон различностите генерално“. За тоа, велат, биле активирани млади лица во Струга, со кои, под авторство на фотографката Кристина Затуровска, креирале фотографии кои го илустрираат секојдневието на млад човек, преплавен со (дез)информации, а биле креирани и фотоприказни за односот на граѓаните кон луѓето со попреченост и за говорот на омраза насочен кон нив. ар/лв/

Остани поврзан