• недела, 22 декември 2024

Ликовна колонија во Галичник од 12 до 20 август

Ликовна колонија во Галичник од 12 до 20 август

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - Од 12 до 20 август ќе се одржи 34. издание на ликовната колонија Галичник, а фокусот годинава ќе биде Колонизација/Деколонизација на природата.

Учесници на годинешното издание на Ликовната колонија Галичник 2023 се  Аница Вучетиќ и Јелена Владушиќ од Србија, Калин Серапионов и Пенка Минчева од Бугарија, Ефи Фурики од Грција, Фуруја Такахиса од Јапонија, Ларс ден Хертог од Холандија, Ил Џафери од Косово, Иван Блажев и Филип Велковски од Северна Македонија.

Јавни претставувања на уметниците ќе биде на 17 и 19 август, во амфитеатарот Упија, а работилница со деца ќе се одржи на 19 август.

Организаторите посочуваат дека секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е на Колонизација/Деколонизација на природата, како многу важно прашање во еколошката, политичката и проблемите со доминацијата на Капиталот(во ерата на Капиталоценот) кои се наметнаа како сериозен интерес во областа на современата уметност и нејзините транс-тактики. Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошка) ментална трансформација кон посвесни општества и нејзината иднина, велат организаторите.

Оттаму потенцираат дека како што имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник е како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак.

Колонијата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Помош и донација на: Културниот центар на Р. Бугарија во Скопје, Месна заедница Галичник, Пивара - Скопје, Вардар Градба, Винарија Дисан. бт/дма/

Остани поврзан