• среда, 14 јануари 2026

Лидерска средба за реформските закони и за укинување на техничката влада, не доаѓа само Филипче

Лидерска средба за реформските закони и за укинување на техничката влада, не доаѓа само Филипче

Скопје, 14 јануари 2026 (МИА) - На иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Клубот на пратениците треба да се одржи лидерска средба на претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.

Од опозициските пратенички групи, потврда за учество има од лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот на Мицкоски за консензус за клучните прашања за државата.

Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата ВРЕДИ, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Како што информира на вчерашната прес-конференција координаторот на пратеничката група на Вреди, Беким Ќоку, коалицијата на лидерската ќе биде претставена од Биљал Касами. - Ние ја прифативме поканата и одлучивме да одиме налидерската средба. Таму ќе присуствуваме јас како координатор и Биљал Касами како еден од лидерите на „Вреди“. Во поканата нема конкретни прашања - рече Ќоку. Во однос на Пржинската влада, тој нагласи дека не ѝ прилега на една земја што преговара за влез во ЕУ да има техничка влада, како и дека земјата на локалните избори докажала дека и без пржинска влада може да организираат фер и демократски избори.

ДУИ, одлуката за учество на Ахмети ја донесе синоќа на состанок на Генералниот совет на партијата во Мала Речица. Портпаролката на ДУИ Арта Биљали Зендели изјави дека одлуката била донесена едногласно од членовите на Генералниот совет, но не прецизира кои ќе бидат барањата на ДУИ на средбата на лидерите на парламентраните политички партии, посочувајќи оти „тоа е ексклузивно право на Ахмети“.

Левицата најави дека прифаќа да се укине техничката влада, но само ако се воведе една изборна единица, а пратеникот Амар Мециновиќ на прес-конференција во Собранието информира дека Левицата ќе присуствува на најавената лидерската средба. 

- Како парламентарна партија, која една и пол година се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог, изјави Мециновиќ. 

Лидерската средба ја поздравија и ЛДП и ДОМ.  ЛДП преку соопштение изрази подготвеност да присуствуваат на најавената лидерска средба, но не само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема туку заради одговори на клучните прашања, кои директно го засегаат животот на граѓаните. 

Од ДОМ ја поздравија можноста за дијалог за суштински политички консултации за важни реформски закони и процеси, кои треба да ги зајакнат нашата држава и демократијата и повикаа на агендата да се стави и да се разговара и за една изборна единица и отворени листи без изборен праг.

Премиерот Христијан Мицкоски во празничното интервју на 7 јануари најави дека ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос, а теми на средбата би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада. За клучните прашања за државата, Мицкоски рече дека очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции, како и дека дневниот ред може да биде проширен и дополнет од страна на другите.

- Да разговараме за изборот на народен правобранител. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава разговараме отворено на сите тие теми во врска со нашата цел - ЕУ и за законите што треба да се донесат. Ајде да седнеме и да разговараме. Јас не би сакал да влегувам во укинување на техничката влада без консензус затоа што тоа е политички некултурно, а ваков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени - повика премиерот Мицкоски.

Откога Филипче го одби, премиерот Мицкоски рече дека мислел оти ќе се покаже зрелост и широчина.

- Тема на лидерската средба е само Законот за Владата. Ако ние се однесуваме неодговорно, како што се однесува тој, нам не ни е потребна лидерска средба, ние со 61 глас може да ја избришеме техничката влада, не ни е потребно мислењето на опозицијата. Но, сакавме процесот да биде инклузивен. Сакавме да поразговараме и за Изборниот законик, Законот за Јавното обвинителство, Законот за јавнообвинителската и судската служба, Законот за Советот на јавните обвинители, рече Мицкоски.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на 8 јануари го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада, обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“.

Според Филипчe, техничката влада мора да остане затоа што била гарант за фер избори и контролен механизам за да се спречи злупотреба на институциите.  За реформската агенда, пак, рече дека дискусијата за законите ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите. Додаде и дека СДСМ во секој случај ќе учествува на парламентарни избори, ако бидат распишани.

Движењето ЗНАМ - За наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за лидерска средба оценувајќи ја како можност сите релевантни политички фактори да покажат одговорност кон државата и граѓаните, а одбивањето дијалог на СДСМ е признание за слабост.аа/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан