• четврток, 26 март 2026

Летонија ја продолжува засилената заштита на границата со Белорусија

Летонија ја продолжува засилената заштита на границата со Белорусија

Рига, 22 декември 2025 (МИА) - Летонија ќе ја продолжи засилената заштита на границата со соседна Белорусија до средината на следната година од безбедносни причини.

Министерството за внатрешни работи во Рига денеска објави дека причината за одлуката на владата на земјата-членка на ЕУ и НАТО е „континуираниот непропорционално висок број обиди за нелегално преминување на границата“.

Министерството соопшти дека досега оваа година се спречени повеќе од 12.000 обиди на мигранти нелегално да ја преминат границата од соседната земја со авторитарно владеење.

Специјалната регулатива, која веќе е продолжена неколку пати и требаше да остане во сила до крајот на годината, сега ќе остане во сила до 30 јуни 2026 година.

Ова ќе им даде на летонските граничари пошироки овластувања во областите на исток од балтичката држава. Во исто време, границата треба да биде опремена со дополнителна техничка инфраструктура до крајот на 2026 година.

Летонија дели граница со блискиот сојузник на Русија, Белорусија, на исток, која се протега на околу 172 километри. Балтичката држава, како Полска и Литванија, го обвинува белорускиот лидер Александар Лукашенко за организирање транспорт на мигранти до надворешната граница на ЕУ со цел да изврши притисок врз Западот. мс/

фото: Архива

Остани поврзан