• среда, 25 септември 2024

Лекари без граници ја прекинаа работата во Русија

Лекари без граници ја прекинаа работата во Русија

Женева, 17 септември 2024 (МИА) – Хуманитарната организација Лекари без граници (Médecins Sans Frontières) со седиште во Швајцарија соопшти дека е принудена да ја прекине работата во Русија.

- Со тешко срце мораме да ги прекинеме нашите активности во Русија, изјави шефот на руската програма на Лекари без граници.

Организацијата е присутна во Русија од 1992 година, но во август соопшти дека добила известување од руското Министерство за правда оти канцеларијата е отстранета од регистарот на невладини организации.

Лекари без граници, заедно со Министерството за здравство на Русија, имплементираа програми во Москва, Санкт Петербург, Архангелск, Иваново и Кемеровскиот регион, Чеченија, Ингушетија и Дагестан.

Фокусот на таа организација беше лекување и превенција од туберкулоза, особено тешки форми, ХИВ, други заразни болести и работа со ризични групи, вклучително и мигранти.

По почетокот на руската инвазија врз Украина, Лекари без граници обезбедија медицинска и хуманитарна помош за бегалците од Украина и Русите кои се преселија од пограничните области во безбедните региони на Русија. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан