• понеделник, 25 ноември 2024

СЗО: Европските деца се изложени на ризик од проблематично користење на социјалните мрежи и прекумерно онлајн играње

СЗО: Европските деца се изложени на ризик од проблематично користење на социјалните мрежи и прекумерно онлајн играње

Копенхаген, 25 септември 2024 година (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека проблематичното користење на социјалните мрежи е во пораст меѓу децата во Европа и дека постои ризик тие да развијат зависност од онлајн играње. 

„Потребна ни е итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да престанат со потенцијално штетната употреба на социјалните мрежи, за кои се покажа дека доведуваат до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби училишни резултати“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Во 2022 година, 11 проценти од адолесцентите (13 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата) имале знаци на проблематично користење на социјалните мрежи, додека четири години претходно тоа било седум проценти.

Податоците се добиени во истражување кое опфатило 280.000 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 44 земји во Европа, Централна Азија и Канада.

Кај нив се забележани симптоми слични на оние на зависност, а тоа се неможноста да се контролира прекумерната употреба, чувството на повлекување и напуштање на другите активности во корист на социјалните мрежи и негативните последици од прекумерната употреба во секојдневниот живот.

Оваа појава е најраспространета кај романските адолесценти на возраст од 13 и 15 години, 28 отсто од нив, а најмалку е кај холандските адолесценти (три отсто).

Причината за загриженост е тоа што една третина од адолесцентите играат онлајн секој ден, а 22 отсто од нив играат најмалку четири часа, покажуваат податоците на СЗО.

Околу 12 проценти од адолесцентите имаат проблематично однесување поврзано со онлајн игрите, од кои 16 проценти се момчиња, а 7 проценти се девојчиња. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан