Левица: Утре ВМРО-ДПМНЕ има шанса да докаже дека е против корупцијата
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 5 мај 2025
Утре ВМРО-ДПМНЕ има шанса да докаже дека е против корупцијата - на Дневен ред Законот на Левица за незастарливост на деликти против службената должност
На утрешната седница на Собранието, на Дневен ред ќе се најде Предлог-законот за измена и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратениците на Левица, кој предвидува дуплирање на роковите за застарување на кривичните дела и воведување на незастарливост за кривичните дела против службената должност.
Ова е клучна и итна законска интервенција што има за цел да ја спречи долгогодишната практика на селективна правда и свесно застарување на предмети кои се однесуваат на криминал извршен од политички функционери.
Јавноста е сведок на секојдневно укинување на првостепени судски одлуки, судења во отсуство и различни процесни манипулации - сè со една крајна цел: елитите од власта или блиски со власта да не одговараат пред законот.
Јасно е дека веќе три децении, политичкиот естаблишмент составен од ДПМНЕ, СДС, ДУИ, ВРЕДИ и ЗНАМ, функционира единствено за да се самозаштити. Институтот „застареност” стана легализирана алатка за колективна амнестија на нивните криминални дела додека кај граѓаните владее разочараност од системот.
Целта е враќање на довербата во судството, воспоставување правна сигурност и конечно справување со високата корупција што ја разјадува државата.
Го повикуваме парламентарното мнозинство предводено од ДПМНЕ конечно да изгласа нешто во интерес на јавноста и доколку навистина сакаат да раскинат со „како до сега“ - да го поддржат овој предлог и да покажат дека стојат на страната на правдата, а не на криминалот.
Левица
_______________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото МИА архива