Левица со конкретни мерки за Македонска Каменица – поддршка за младите, семејствата и локалниот развој
- Носителот на советничката листа на Левица во Македонска Каменица, Дејанчо Стоиловски, денеска изјави дека со влезот во Советот на Општината, Левица ќе ја разбие „монотоната политичка ситуација“ која, како што рече, со децении ја следи оваа општина.
Македонска Каменица, 6 октомври 2025 (МИА) – Носителот на советничката листа на Левица во Македонска Каменица, Дејанчо Стоиловски, денеска изјави дека со влезот во Советот на Општината, Левица ќе ја разбие „монотоната политичка ситуација“ која, како што рече, со децении ја следи оваа општина.
Стоиловски истакна дека приоритет на советничката група ќе биде создавање услови за отворање на индустриски капацитети во градот, за вработување на жителите од Каменица и намалување на потребата тие да патуваат на работа во соседните општини.
-Цврсто ќе се залагаме за укинување на сметките за уличното осветлување, каде што од секое семејство се одлеваат по 20 илјади денари во еден градоначалнички мандат. Тие средства треба да останат кај народот, нагласи Стоиловски.
Во својата програма, Левица предвидува и повеќе социјални мерки насочени кон младите и семејствата – финансиска поддршка за новороденчиња, средства за секој склучен брак на млади до 25 години, како и субвенционирање на основци и средношколци.
Во рамки на посетата на Пијанечко-малешевскиот регион, денеска во Македонска Каменица присуствуваа и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, како и пратеникот Борислав Крмов, кои на средбите со граѓаните ја претставија програмата на партијата за претстојните локални избори. вс/вј/
Фото: Партија Левица