• четврток, 15 мај 2025

„Левица“ смета дека Тошковски е одговорен за пропусти кои не смеат да се дозволат, Тошковски вели дека не се плаши од одговорност

„Левица“ смета дека Тошковски е одговорен за пропусти кои не смеат да се дозволат, Тошковски вели дека не се плаши од одговорност

Скопје, 29 април 2025 (МИА) - Во Собранието почна расправата по интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група „Левица“ поради тоа што, според оваа партија, министерот Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.

Интерпелацијата ја образложи пратеникот од редовите на „Левица“, Сашко Јанчев кој кажа дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. 

-Интерпелацијата првенствено ја поднесуваме заради немање никаква контрола врз дискотеката Пулс, што е изричито законска обврска на МВР. Настанот во Кочани резултираше со повеќе од шеесет починати и двеста повредени и истиот на површина изнесе недозволливи и сериозни системски пропусти од страна на институциите и органите (МВР, ДПИ, УЈП, Дирекција за заштита и спасување, локални власти, инспекциски органи, републички и општински, биро за јавна безбедност, полициски станици и други) кои имаат законска надлежност да го регулираат, надгледуваат и контролираат работењето на угостителски објекти од таков тип.  особено во однос на безбедноста на јавните настапи и настани и употребата на пиротехнички средства. Сите овие се задолжени да вршат редовни контроли, да издаваат потребни дозволи, да ги регулираат условите за безбедноста и да преземаат мерки за спречување на злоупотреби. Дискотекава без мака си работи тринаесет години, притоа без да исполнува минимум услови за да работи и тоа е доказ за институционалниот башибозук кој го создадовте сите вие со партизацијата на институциите за време на вашите владеења и шурувањето со секакви локални битанги поради болно властољубие, вклучувајќи ја и партијата која сега е на власт, а која сега глуми спасител и стабилизатор, истакна Јанчев.

Според Левица МВР потфрлило со тоа што дало согласност за објектот дека ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир, плус безбедноста на сообраќајот како во сопствените надлежности за проверка на работно време, на гласност и бучавост, на присуство на малолетници после полноќ, на точење алкохол и употреба на наркотички супстанции. -Ништо од ова не е завршено. Да беше завршено, дискотеката немаше да постои, рече Јанчев.

Дополнителен аргумент,  за одговорност на Тошковски, според Јанчев, е фалсификат лиценцата која е од време на неговото министерување.

-Особено сомнителен е моментот што во истрагата се вклучени речиси сите бивши функционери од Министерство за економија, Државен пазарен инспекторат и други органи, но симптоматично не се вклучени актуелните носители на функции од овие институции, вклучувајќи ги и одговорните лица од МВР, со исклучок на бившиот градоначалник на Кочани. Сите тие не презеле навремени соодветни мерки и пропуштиле да истражат и санкционираат неправилности во работењето на дискотеката. Конкретно ова се однесува на одговорните лица во ОВР Кочани, СВР Штип и Бирото за јавна безбедност. Во јавноста протекаа информации за пријави за нарушување на јавниот ред и мир од страна на дискотеката Пулс, доставени до ОВР Кочани и СВР Штип. По нив не е постапено, што е спротивно на законот за полицијата, рече Јанчев.

Во образложението за интерпелацијата, од партијата Левица прашаа и зошто МВР спротивно на стандардните оперативни процедури, вечерта правела рација без присуство на трудов инспектор, без присуство на инспектор од УЈП и Државниот пазарен инспекторат, кој е и надлежен при констатирање на неправилности кои, велат, тука очигледно ги имало, бидејќи објектот е без лиценца, да го затвори и да му стави пломба.

-Оттука се поставува прашањето зошто во истрагата не се вклучени овие актуелни функционери кои поименично се директно надлежни да постапат и да реагираат? Па, доколку во истрагата се вклучени бившиот министер за економија, бившата државна секретарка во Министерството за економија, поранешниот директор на Државен пазарен инспекторат, нејасно е зошто во истрагата не се вклучени и актуелните носители на овие функции. Сето ова ужасно смрди на едно владино прикривање и попречување на правдата со цел да се заштитат сопартијци и неспособни партијски полтрони. Министерот и Министерството за внатрешни работи имаат директна и недвосмислена командна одговорност за пропустите и неактивноста при непостапувањето во врска со трагичниот настан во Кочани, рече Јанчев.

Останатите пет основи за интерпелацијата се однесуваат на уапсени граѓани во гостиварско кои чистеле црква, на непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана која ја чувала полицијата, за случајот со апсењето и притоворањето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни, и, како што велат, на катастрофалната кадровска политика во Министерството исполнета со ннепотизам и кронизам.

- Министерот Панче Тошковски, кој е на позицијата министер повеќе од една година наназад, од јануари 2024 година во т.н. „техничка Влада", а подоцна по Парламентарните избори 2024 - и реизбран во новоизбраната политичка Влада составена од кадри на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ до денес, наместо да гради мост на доверба помеѓу граѓанскиот сектор и полицијата и да воспостави механизми за доследно почитување на законите, го следат низа несовесни, непрофесионални, а згора на тоа и противзаконски дејствувања, скандали и кадровски промашувања. За неговиот морален хабитус доволно говори и фактот што тој досега не се ни осмели да понуди оставка од морални причини, нешто што го сторувале повеќе македонски министри пред него, во ситуации на вакви хаварии и колективни несреќи! ...Се на се министерот Тошковски покажа дека е лично одговорен за пропусти кои не смеат да се дозволат од страна на МВР, рече Јанчев и ги повика пратениците да ја поддржат интерпелацијата. 

Во своето излагање, министерот Тошковски рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми.

- Пред вас не стојам како министер, туку како човек кој ја разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како татко, и како министер, и родител. Дозволете ми да кажам дека жалам за секој изгубен живот, рече Тошковски, додавајќи дека секоја дилема заслужува одговор базиран на факти, а не на политички конструкции.

Министерот се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст. Тој потенцира дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.

- Во случајот со дискотеката во Кочани, такво барање за употреба на пиротехнички средства никогаш не било поднесено. МВР постапуваше во согласност со Законот, и нема законска основа да се тврди дека постои пропуст. Одговорноста е кај оние што дозволиле внес и употреба спротивно на закон, потенцира тој.

Тошковски посочи дека институциите преземаат мерки за сите отворени случаи, меѓу кои и кражбата на марихуана во Карбинци, злоупотребата на службени документи кај припадник на полицијата, и протестите поврзани со случајот со црквата во Галате. Тој ги отфрли тврдењата за етнички предзнак и обвини одредени структури во ДУИ и СДСМ за обид за дестабилизација.

- Сѐ што видовме е лажно етикетирање. Треба да нѐ води обврската да ја кажеме вистината и да ја браниме правдата. Не бегам, не молчам, не се кријам. Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност, рече Тошковски пред крајот на своето обраќање.

Министерот ги отфрли сите обвинувања и нагласи дека МВР работи професионално, без селекција и под целосна координација со Јавното обвинителство.

Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште четири интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ. вг/ар/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан