• среда, 25 март 2026

Левица на средба со кумановци

Левица на средба со кумановци

Куманово, 11 октомври 2025 (МИА) - Младите да бидат вклучени во секој сегмент од општественото живеење, најмалку 30 проценти од младите да одлучуваат за случувања во општината, порачаа денеска од Левица на средба со кумановци пред Пионерски дом.
 

Кандидатот за градоначалник за Куманово од Левица, Мирослав Петковиќ, кажа дека 35 години скоро сите избори се прогласени за легитимни, но граѓаните не виделе ниту една легитимна власт, бидејќи, како што изјави, „сите ги изневериле очекувањата на граѓаните“.

-Како што сте запознаени, ние сме единствена цензурирана партија во Македонија, можеби и во Европа. Слушнавме дека зад нас стои и европската Левица која ги следи случувањата со Левица. Се залагаме 30 проценти од младите да бидат вклучени на раководни позиции во јавните претпријатија. Кумановци се сметаа за духовити луѓе, после 35 години погрешна управа ние како град сега сме смешни. Младите ќе го вратат духот на Куманово, менталитетот, исто како што на 11 Октомври младите тргнаа  да го ослободат градот и државата од фашистите, така и денеска е потребно младите да бидат во институциите за да го изградат градот како што замислиле. Ние тоа мора да им го дозволиме, кажа Петковиќ.

Носителот на листата, Виторио Зафировски, ги повика граѓаните да одберат „народна опција“ која се залага за ревитализација на Куманово.

-Местото е одбрано, бидејќи точно покажува што му се случувало на Куманово изминативе децении, кажа Зафировски.

Амар Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Скопје, кажа дека токму на 11 Октомври ја одржуваат средбата со кумановци, датумот кој е почеток на антифашистичкото востание.

-Тогаш Македонија ја ослободија работниците и земјоделците, а не великопоседниците, така ќе биде и сега. Крупниот капитал не може да не ослободи, напротив не поробува, затоа работниците и земјоделците повторно ќе ја ослободат Македонија, изјави Мециновиќ.

Во однос на остатокот од кампањата, Мециновиќ кажа дека влегуваат во втор круг бидејќи, рече, „Левица се факторизира како втора најсилна партија во Македонија“. ам/хс/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан