• недела, 22 декември 2024

Левица: Без државна регулација банките со енормни профити

Левица: Без државна регулација банките со енормни профити

25 август 2023 

И покрај забавениот економски раст, само за шест месеци, банките остварија над 120 милиони евра добивка и ги зголемија своите профити за 35 отсто, споредено со истиот период лани! Нето приходите од камати се искачија на 190 милиони евра, додека нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат повеќе од 50 милиони евра.

Најголемиот дел од „колачот“ на вкупната банкарската добивка, над 70 отсто припаѓа на Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ банка, кои остварија добивка пред оданочување безмалку 86 милиони евра. Посебно забележуваат раст приходите од камати, кои се повисоки за 43,5 отсто во споредба со претходната година, а се должи на сè поскапите кредити со променливи каматни стапки, врзани со 6 месечен ЕУРИОБОР или благајнички записи, а зголемена е и казнената камата за пречекорување на платежните сметки.

Последниве децении банкарскиот капитал премина во рацете на странските инвеститори и значајно е променета сопственичката структура. Нивното учество во големите банки е огромно, дури 87,8 отсто. Иако власта се фали со директните инвестиции, вложувањата во акции само ја променија сопственоста, со што им овозможија на странците да профитираат врз грбот на граѓаните, кои плаќаат сè повисоки камати, провизии и надоместоци.

За банките нема криза, тие и понатаму останаа недопирливи. Нивните профити се неприкосновени и забрзано растат последниве години, кои речиси тројно се зголемени.

Очигледно е дека тридецениското владеење на корумпираните политичари, им оди во прилог на банките, а отсуството на државна регулација во банкарскиот сектор, за што се залага Левица, им овозможи високи лихварски камати и сè поголеми приходи од провизии и надоместоци, на товар на осирамашениот народ.

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Левица 

 

Остани поврзан