• петок, 22 ноември 2024

Леванте и Хетафе ги отпуштија своите тренери

Леванте и Хетафе ги отпуштија своите тренери
Мадрид, 4 октомври 2021 (МИА) – Шпанските фудбалски прволигаши, Леванте и Хетафе им доделија откази на своите тренери. Пако Лопез е разрешен од функцијата главен тренер на Леванте, објавено е на  официјалната веб-страница на клубот. Одлуката е поврзана со неуспешниот старт на тимот во тековната сезона. Леванте освои четири бода на осум натпревари и е 18-ти во Ла Лига. Педесет и четиригодишниот Лопез го предводеше тимот за кој настапува Енис Барди, од 2018 година. Тој има 147 натпревари со Леванте и најдобар резултат во историјата на клубот пласирајќи се во полуфиналето на Купот на Шпанија. И тренерот на Хетафе, Мишел, е ослободен од функцијата, објави денешна „Марка“. Според шпанскиот весник, одлуката ја донел претседателот на Хетафе, Анхел Торес. Причината се незадоволителните резултати на тимот. На осум натпревари, Хетафе има освоено само еден бод и е последен на табелата. Тренерот не успеа да се спаси со ремито против Реал Сосиедад (1:1) во последниот натпревар. Педесет и осумгодишниот Мишел го презеде Хетафе на 27 мај. Тој го замени Хозе Бордалас на оваа позиција. зс/

Остани поврзан