• петок, 05 декември 2025

Левандовски се чувствува предаден од начинот на кој ја изгуби капитенската лента на Полска

Левандовски се чувствува предаден од начинот на кој ја изгуби капитенската лента на Полска

Варшава, 9 јуни 2025 (МИА) - Полскиот напаѓач Роберт Левандовски изјави дека неговата доверба е предадена и дека е многу повреден од начинот на кој тренерот Михал Пробеж му кажал дека е заменет од функцијата капитен на тимот.

Рекордерот по постигнати голови за неговата земја веднаш објави на социјалните мрежи дека нема да игра за националниот тим под водство на Пробеж, кој одлучи да му ја даде капитенската лента на играчот од средниот ред Пјотр Зјелински.

Левандовски во понеделник изјави за новинската веб-страница вп.пл дека добил краток повик од Пробеж додека ги успивал своите деца и дека изјава за промената на капитенската лента наскоро се појавила на веб-страницата на Полската фудбалска федерација.

-Ја носам лентата 11 години и играм за националниот тим од мои 17 години. Мислев дека ваквите работи треба да се решаваат поинаку... имаме важен натпревар што претстои, сè беше соопштено преку телефон. Навистина не треба да биде вака. Тренерот ја изневери мојата доверба, изјави тој.

Левандовски рече дека националниот тим отсекогаш бил најважен за него и дека е „многу повреден“ од начинот на кој е соопштена одлуката да му се одземе лентата.

Пробеж треба да одржи прес-конференција подоцна денес.

Левандовски не е во сегашниот состав на Полска, наведувајќи ја физичката и менталната исцрпеност по долгата сезона како причина за неговото отсуство.

Напаѓачот, кој постигна 85 гола за својата земја во рекордни 158 настапи, е капитен од 2014 година.

Пробеж го замени отпуштениот Фернандо Сантос како селектор на Полска во 2023 година, водејќи ја до Евро 2024.

Полска ја победи Молдавија со 2-0 во пријателски натпревар во петокот и оди на посета во Финска во квалификациите за Светското првенство денеска. дс

Фото: Архива

Остани поврзан