ЛДП со поддршка за „Безбеден град“
- Либерално-демократската партија дава поддршка за проектот „Безбеден град“ за чиј старт од 1 февруари денеска во Собранието поминаа законските измени за прекршоци.
Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - Либерално-демократската партија дава поддршка за проектот „Безбеден град“ за чиј старт од 1 февруари денеска во Собранието поминаа законските измени за прекршоци.
- ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот, пишува претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрани Моника Зајкова на Фејсбук.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието е друга тема.
- За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ, посочува Зајкова во објавата. бак/са/
Фото: МИА архива