• петок, 22 ноември 2024

Лајчак:Денешниот состанок уште еден важен чекор во дијалогот Белград-Приштина

Лајчак:Денешниот состанок уште еден важен чекор во дијалогот Белград-Приштина
  Белград, 30 јули 2020 (МИА) „Денешната средба на експертско ниво во дијалогот меѓу Белград и Приштина беше уште еден важен чекор во процесот кон сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Нашата работа ќе продолжи кон крајот на август, напиша на Твитер специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак. Како што јави дописникот на МИА од Белград, стручните тимови на Белград и Приштина ги предводеа директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ и косовскиот координатор за дијалог, Скендер Хисени. Темите за кои е разговарано беа исти како и минатиот пат - прашањето на исчезнатите лица и економска соработка. Двете страни потврдија дека не е разговарано за конечниот статус на Косово, туку дека станува збор за технички преговори. Директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ, по средбата изјави дека суштината на преговорите е да се постигне подобрување за граѓаните што живеат на Косово. Ѓуриќ истакна дека никој не може да ја „стави Србија пред конечен чин“ или да и даде ултиматум. -На моменти имавме жестока распарава, на почетокот не можевме да се согласиме ниту за форматот. Но, секогаш е добро да се разговара. Имавме обид на српската страна да и биде предадена хартија на која се укажува за наводни српски прекршувања на ЦЕФТА договорот. Ние не прифативме такво нешто, дојдовме да разговараме за решавање на конкретни работи, кажа Ѓуриќ. Неговиот колега од косовска страна, Скендер Хисени, кратко рече дека целта на преговорите е да се постигне конечен договор, но не сакаше да зборува за деталите. -Не навлеговме многу во детали. Дајте ни повеќе време да разговараме и да се усогласиме за некои посебни елементи од договорот кој метафорички го нареков - чадор, кој ќе ги покрие сите вообичаени теми и кој конечно ќе биде спакуван како сеопфатен, меѓународно признат правно обврзувачки договор меѓу две држави, изјави Хисени. Политичките разговори на највисоко ниво планирани се за почетокот на септември.об/

Остани поврзан