Лансирана првата регионална платформа за е-трговија
- Споредено со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија е после Србија и Косово, а пред Босна и Херцеговина и Црна Гора во процент на население кое купува онлајн. Споредено со соседните зе
Скопје, 26 мај 2022 (МИА) - Споредено со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија е после Србија и Косово, а пред Босна и Херцеговина и Црна Гора во процент на население кое купува онлајн. Споредено со соседните земји, Косово е на прво место во Европа или 77 проценти од онлајн купувачите купуваат облека онлајн, потоа Црна Гора со 71 процент, додека под европскиот просек се Северна Македонија со 57 проценти, БиХ со 56 проценти и Србија со 52 процента. Ова се само дел од бизнис фактите и информациите поврзани со водење бизнис со е-трговија коишто од денеска официјално се достапни на првата регионална платформа за е-трговија „Е-трговијa за сите“ – ecommerce4all.eu.
Регионалната веб-платформа се развива од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија како главен имплементатор во соработка со асоцијациите за е-трговија и организациите од сродните индустрии од ЦЕФТА регионот.
Од АЕТМ информираат дека платформата, која претставува регионално проширување на македонската иницијатива „Ecommerce4All“, од денеска ќе биде достапна и во ЦЕФТА пазарите односно во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија.
Корисниците од регионот ќе можат да ја користат регионалната веб-платформа за е-трговија ecommerce4all.eu, во чии рамки е веќе достапен првиот од петте модули - модулот Податоци во е-трговијата. Модулот ја презентира состојбата на е-трговијата во пазарите од ЦЕФТА преку статистика и податоци за развојот (интерактивни графикони за состојбата на е-трговијата во секој пазар и споредби на е-купувачи, UNCTAD индекс за подготвеност за е-трговија и други релевантни податоци на Еуростат, на Светска Банка итн.), информации поврзани со подготвеност на земјите за водење бизнис со е-трговија, информации колку често, во која вредност и од каде купуваат онлајн купувачите итн. Овие податоци можат да им помогнат на компаниите во подобрување на работењето на локалниот пазар, но уште поважно, можат да им послужат на нивните планови за ширење на другите пазари во ЦЕФТА регионот.
Освен овој модул, платформата во текот на идниот период ќе биде надоградена со уште четири модули. Од нив, првите три модули ги покриваат клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија, како што се правната регулатива за е-трговија, плаќање и испорака. Дополнително, платформата ќе биде збогатена со уште еден дополнителен модул - успешни приказни. Секој од овие модули ќе содржи релевантни информации специфични за конкретниот ЦЕФТА пазар, како и упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации.
Веб-платформата е достапна на англиски јазик и на локалниот јазик за секој пазар.
- Развојот на оваа веб-платформа е од огромно значењe за е-трговијата, за вклучените организации и за регионалната соработка помеѓу ЦЕФТА пазарите. Е-трговците можат да дознаат важни бизнис факти и неопходни релевантни информации за сите пазари од регионот со цел полесно да можат да ги прошират своите бизниси надвор од својот пазар. Од друга страна, организациите од регионот кои работат на веб- платформата, покрај тоа што веќе почнаа меѓусебно да соработуваат, ќе можат и да се етаблираат како“гласот на е-тргoвијата” во своите пазари, но и регионално“, вели во пишана изјава проектниот менаџер на овој проект, Марија Ристовска.
Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска, пак, истакнува дека ова е прв регионален проект поврзан со е-трговија на кој асоцијациите за е-трговија и останатите организации од регионот соработуваат заеднички.
-Преку оваа веб платформа очекуваме дека ќе се "отклучи" потенцијалот за раст и ширење на компаниите со е-трговија во регионот и дека значително ќе се зголеми соработката меѓу Асоцијациите, која пак ќе придонесе кон реализирање на уште повеќе иницијативи за е-трговија со регионален карактер, изјаво Ангеловска.
Развојот на платформата „Ecommerce4All“ е поддржан од проектот за надворешна трговија на Oтворениот регионален фонд имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) во име на Европската унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ). Главна цел е да се подобри меѓународната соработка која го промовира регионалниот и локалниот економски развој и го поддржува автономното спроведување на политиките усогласени со ЕУ, насочени кон постигнување на рамномерен регионален развој на државата. Фондот има за цел да го подобри спроведувањето на реформската агенда за трговија и конкурентност во ЦЕФТА регионот во согласност со барањата на процесот на приближување кон ЕУ. лв/ац/