• недела, 22 декември 2024

Лазарини: Забраната на работата на УНРВА ќе ги лиши палестинските деца од образование и ќе ги радикализира

Лазарини: Забраната на работата на УНРВА ќе ги лиши палестинските деца од образование и ќе ги радикализира

Газа, 3 ноември 2024 (МИА) - Филип Лазарини, генерален комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), која им обезбедува засолниште, образование, медицински услуги, храна и вода, предупреди дека забраната за работата на агенцијата во рамките на Израел и окупираниот Источен Ерусалим ќе ги лиши палестинските деца од образование во догледна иднина.

Во соопштението објавено на платформата Икс, Лазарини наведува дека лишувањето од образование ќе ги зголеми шансите децата да се радикализираат и да се навикнат да се приклучуваат на вооружени групи, а исто така ќе го зголеми нивото на сиромаштија.

„Без УНРВА, судбината на милиони луѓе ќе виси на конец. Наместо да се фокусираме на забрана на УНРВА или изнаоѓање алтернативи, фокусот треба да биде на постигнување договор за ставање крај на конфликтот“, напиша Лазарини.

Поради војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, речиси сите жители на палестинската територија живеат во сиромаштија, а показателите за квалитетот на животот, како што се здравството и образованието, покажуваат дека тој се вратил 70 години наназад, соопшти во октомври Агенцијата за развој при ОН.

Од почетокот на војната во октомври минатата година, училиштата беа бомбардирани во израелски напади или претворени во засолништа за раселените луѓе, а околу 625.000 ученици во Газа не можат да присуствуваат на настава.

Лазарини рече дека до крајот на минатиот октомври УНРВА одржала предавања за повеќе од 300.000 деца, но дека тие сега се лишени од образование втора година по ред.

Палестинското Министерство за образование отвори виртуелни и отворени училишта на Западниот Брег за учениците во Газа, велејќи дека одлучило да обезбеди училишни часови секаде каде што е можно, дури и во шатори.

Минатата недела 92 израелски пратеници гласаа за забрана на активностите на УНРВА во Израел, а само десет беа против. ссм/

фото: архива

Остани поврзан