• петок, 22 ноември 2024

КФСМ: Селекторот Андреевски со шокантна лага се понижи пред јавноста

КФСМ: Селекторот Андреевски со шокантна лага се понижи пред јавноста

Скопје, 29 август 2024 (МИА) – Кошаркарската федерација на Северна Македонија денес преку соопштение се обрати до јавноста демантирајќи ги обвинувањата од селекторот на репрезентацијата до 18 години изнесени во интервју за порталот „sport1.mk“.

Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на федерацијата.

-Македонската кошаркарска федерација во целост ги отфрла сите наведени, неточни и злонамерни изјави на селекторот на македонската машка национална репрезентација „Под 18“ години, Горан Андреевски за спортскиот портал „Спорт1.мк“, објавени во текот на денот.

Поточно, жалосно е, и крајно разочарувачки да се даваат вакви коментари од страна на човекот на кој од страна на федерацијата му беше дадена најголема доверба во поглед на реализација на планираните активности на оваа наша национална селекција, за која со право сметавме дека има потенцијал, и дека токму поради она што го носи со себе, одредивме и се избориме да ја добиеме организацијата на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во нашиот главен град.

Се со цел тоа да биде „во служба на резултатот“, што се покажа како апсолутно исправен став на федерацијата.

Сето тоа креирано со задни намери и поентирање за некои политички цели, а со крајна цел да се намали евидентниот успех на федерацијата, особено од условите, функционирањето и реализацијата на сите планирани активности поврзани со младинските репрезентации.

Во однос на сместувањето во хотелот „Континентал“ во Скопје, тоа се сместувачки капацитети кои се претходно одобрени од страна на ФИБА, и кои се однесуваат за сите други репрезентации кои престојувале во истиот. Без никакви други забелешки, особено од страна на ФИБА делегатите кои се задолжени за сите овие сегменти од организацијата на така високо рангирано натпреварување како Европско првенство. Фактот што последните пет години федерацијата ги добива за организација овие престижни првенства, говори дека навистина се работи квалитетно и професионално.

Сосема неточни и крајно дискутабилни се наводите на селекторот дека федерацијата не обезбедила услови поточно во делот на потребната исхрана која била потребна за нормално функционирање на нашите млади кошаркари.

Напротив, сето тоа е реализирано според сите стандарди кои како федерација ги исполнивме и паралелно во постојана комуникација со капитенот на репрезентацијата, исполнети се сите барања кои биле поставени пред нас.  

Добивме реакција и од одговорните лица од хотел „Континентал“ од Скопје дека против лицето Горан Андреевски ќе биде поднесена тужба за изнесување на невистини, целосни лаги и рушење на имиџот на компанијата.

Салата во СРЦ „Кале“ е наш дом, така било и ќе остане. Тоа е место кое ги мина сите строги контроли на ФИБА, тоа е ‘базата’ на сите наши репрезентативни селекции, и сосема е логичен изборот да ги играме сите важни натпревари од шампионатот на „домашен терен“. Тоа е голема, огромна предност за овие наши млади кошаркари, да се игра пред домашна публика, пред своите најмили, пријатели, познаници, во атмосфера која креира, и која што на крајот и донесе резултат каков што посакувавме сите ние заедно.

Во однос на релациите, извесно е дека за сето изречено од страна на селекторот Горан Андреевски ќе следува и приватна тужба од страна на спортскиот директор на националните селекции Марјан Србиноски. Недозволива е таква дрскост, такво однесување на човек кој ја претставувал македонската кошарка на највисоко, европско ниво, особено што истиот беше вклучен и во сите оние понатамошни средби со претставниците на највисоките раководни функции во државата.

Не сакавме да ја нарушиме атмосферата и претходно да презентираме некои други „содржини“ на кои се повикува Андреевски, а се однесуваат на неговото селекторување, или подобро речено, „менаџирање“ на репрезентацијата. Како во случајот на играчот Лука Марјановиќ, кој бил исклучително игнориран од страна на селекторот во подготвителниот период, во кој биле креирани алиби приказни, се со цел да се дојде со некоја крајна менаџерска цел – тој играч да биде дел од клубот со кој раководи.

А колку тој искрено „веруваше“ во успех на тимот, говори и неговата изјава дадена непосредно пред почетокот на шампионатот, а во која потенцира(ше) дека нашата репрезентација „Под 18“ влегува на ЕП во Скопје како една од најнеспремните!?

Една крајна контрадикторност искажана од оној кој што треба да биде предводник на тимот во секој поглед, најмногу оној мотивацискиот, кој секогаш со себе носи, дава нешто повеќе...

Тука се поставува и прашањето зошто после месец и половина од завршување на првенството, селекторот Андреевски излегува во јавност со вакви информации?

Да се запрашаме сите.....

Не можеме да преминеме преку сите овие лаги, клевети од оној на кој сме му дале максимална доверба да работи со нашата јуниорска репрезентација. Од причина што низ овие пет години, ние, како Македонска кошаркарска федерација сме креирале најдобри можни услови за функционирање на сите наши младински селекции.

Впрочем, за тоа говорат и изјавите на сите оние кои претходно биле дел од националните тимови вклучени преку настапите на Европските првенства за одредена возрасна категорија.

Напротив сме добивале само пофални зборови за сработеното, за што сме особено горди, особено на оние кои доаѓаат од страна на првите луѓе на европската кошаркарска федерација.      

А сето она што е презентирано во јавноста, за нас се само сериозни „аспирации“ за влез на поединци како Андреевски во кошаркарската федерација, и ова е случај кој со себе има голема позадина за која ќе зборуваме многу брзо на посебна прес-конференција, на која јавноста ќе биде запозната со сите детали, услови и притисоци на кои е изложена нашата организација.

Но, ние веруваме, ние сме убедени дека и овојпат ќе победи спортот, затоа што за нас, за нашата работа, зборуваат резултатите, на сите полиња.Тие не се некоја случајност, напротив, тоа е производ на макотрпна работа на сите нас низ сите овие изминати години, стои во соопштението на КФСМ.

На Европското првенство Б-дивизија во Скопје, неодамна Македонија го освои првото место и обезбеди учество во А-дивизијата. зс/

Фото: КФСМ

Остани поврзан