• петок, 22 ноември 2024

Курц: ЕУ мора да ги исполни ветувањата дадени на Балканот

Курц: ЕУ мора да ги исполни ветувањата дадени на Балканот
Виена, 5 јули 2021 (МИА) – Австрискиот канцелар Себастијан Курц на самитот за Западен Балкан на Берлинскиот процес, истакна дека ЕУ мора да ги исполни своите ветувања. - Унијата мора да го засили својот ангажман, имајќи ја предвид фрустрацијата во врска со нејзината улога на Западен Балкан, рече Курц. - Ние мора да ги исполниме нашите ветувања, рече тој, осврнувајќи се пред сè на неисполнетото ветување за отворање пристапни разговори со Тирана и Скопје, пренесоа агенциите. Курц изрази надеж дека ќе се постигне напредок за време на словенечкото претседателство. Тој ја поддржа иницијативата на словенечкиот премиер Јанез Јанша за одржување на Самит на ЕУ за Западен Балкан во октомври. Курц го подвлече ангажманот на Австрија за приближување на Западен Балкан кон Унијата и во тој поглед потсети на самитот што се одржа во Виена кон средината на јуни. - Австрија секогаш ќе стои на страната на Западен Балкан, рече тој. Според него, ЕУ е комплетна само кога сите земји од Западен Балкан ќе бидат членки на ЕУ. Курц истакна дека е потребно да се зајакне соработката во областа на борбата против илегалната миграција. – Бројот на илегални мигранти повторно расте и ние мора уште повеќе да ги поддржуваме нашите партнери на линијата на фронтот, рече тој. Во исто време, Курц го поддржа инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Германија денеска беше домаќин на осмиот Самит на Берлинскиот процес, што се одржа во виртуелна форма со вклучување на претставници на земјите од Западен Балкан и функционери на ЕУ. јт/

Остани поврзан