• недела, 22 декември 2024

Курти: Нападот во Бањска беше терористички чин на агресија против територијалниот интегритет на Косово

Курти: Нападот во Бањска беше терористички чин на агресија против територијалниот интегритет на Косово

Приштина, 24 септември 2024 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Бањска изјави дека минатогодишниот напад на вооружена група локални Срби врз косовската полиција во ова село беше „терористички чин на агресија против територијалниот интегритет на Косово“ и дека оние кои стојат зад тој напад, се „подготвени за поширок и подолг конфликт“, јави Бета.

Курти оцени дека настаните во Бањска од 24 септември минатата година претставуваат „план за напад на Косово“ зад кој, според неговите зборови, стојат паравоени, терористички формации финансирани и раководени од Србија.

„Тоа беше агресија против државниот суверенитет, територијален интегритет, мир, безбедност и уставност“, изјави Курти по откривањето на таблата во Бањска со името на улицата што го носи името на Африм Буњаку, полицаецот кој беше  убиен во вооружениот конфликт во ова село на северот на Косово.

Владата на Косово синоќа одлучи улица во селото Бањска да се именува по полицаецот убиен во вооружен конфликт на 24 септември минатата година.

„Наредникот на косовската полиција Африм Буњаку и неговите колеги беа на местото каде паравоените, терористички формации предводени од Србија и кои претходно внесоа многу оружје за поширок и подолг конфликт, подготвуваа стапица за да ги убијат нашите полицајци. Од запленувањето на оружјето и муницијата што го изврши полицијата во Звечан и пошироко, произлегува дека е запленето поголемо количество оружје“, рече Курти.

Во вооружен конфликт во Бањска загина полицаецот Африм Буњаку, а еден припадник на косовската полиција е ранет. При размената на оган загинале и тројца напаѓачи.

Одговорноста за вооружениот напад ја презеде поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радојчиќ.

Специјалното обвинителство на Косово досега покрена обвинение против Радоичиќ и уште 44 лица кои се осомничени за тероризам, перење пари и финансирање тероризам, како и за „тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“.сд/

фото?:Скриншопт од КоССев

Остани поврзан