• вторник, 24 декември 2024

Курти и Вучиќ во Брисел на средба со новата шефица на европската дипломатија, Калас

Курти и Вучиќ во Брисел на средба со новата шефица на европската дипломатија, Калас

 

Приштина, 3 декември 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат денеска со новата шефица на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Одделните средби на Калас со Курти и Вучиќ во Брисел, кои ги потврди и портпаролката на ЕУ за надворешна политика, Анита Хипер, нема да бидат во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, процес кој го посредува Европската унија.

Калас е новата шефица на надворешната и безбедносната политика на ЕУ и заедно со останатите нови комесари на Европската комисија го започна својот мандат на 1 декември.

Портпаролката Хипер, на вчерашната прес-конференција, одговараше на прашања во врска со нападот на каналот Ибар-Лепенец во северно Косово во петокот, на 29 декември, како и за иднината на дијалогот меѓу Косово и Србија.

Таа го повтори ставот што ЕУ го изрази ден по нападот во селото Варага кај Зубин Поток, опишувајќи го како терористички напад врз критичната инфраструктура на Косово и ги повика сите да соработуваат со косовските власти за да се откријат сторителите и истите да се соочат со правдата.

За средбите што Калас ќе ги одржи во Брисел, Хипер појасни дека тие нема да бидат дел од дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Каја Калас сега, по добивањето на мандатот, треба да одлучи како ќе продолжи процесот на дијалог, кој започна во 2011 година.

Косовскиот премиер и српскиот претседател во Брисел ќе имаат одвоени средби и со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста, а потоа ќе присуствуваат на неформална вечера што Коста ќе ја организира со сите лидери од регионот на Западен Балкан.

Курти и Вучиќ во последните денови разменија обвинувања за нападот во Зубин Поток. Косово ја обвини Србија за нападот на водениот канал Ибар-Лепенец. Србија негира дека стои зад нападот и рече дека започнала сопствена истрага за случајот.

Остани поврзан