• сабота, 21 декември 2024

Куомо го повика Трамп да издаде наредба за задолжително носење маски  во јавност

Куомо го повика Трамп да издаде наредба за задолжително носење маски  во јавност
Њујорк, 30 јуни 2020 (МИА) - Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо го повика американскиот претседател Доналд Трамп да издаде наредба за задолжително носење маски  во јавност и тој да носи и да биде пример за другите луѓе.
- Тоа го направивме во Њујорк пред два месеца, рече Куомо, додавајќи дека другите држави кои првично се спротивставија на таквата наредба сега го бараат тоа.
Центрите за контрола и спречување болести препорачуваат луѓето да носат заштитни маски во јавноста, особено таму каде што е тешко да се одржи физичка дистанца. Трамп рече дека носењето маски е добро, но не и за него. На средбата со градоначалниците, Куомо рече дека надлежните го преиспитуваат планот за тоа како да им се овозможи на луѓето да јадат во ресторани во затворен простор во Њујорк, без да го загрозат напредокот постигнат во намалување на бројот на заразени со коронавирусот. - Јадењето во градините на ресторанот работеше многу добро, но се покажа дека во затворен простор е „проблематично“ во другите земји, рече Куомо. Тој додаде дека државните службеници ќе се консултираат со сопствениците на ресторани и ќе донесат одлука за тоа во текот на утрешниот ден. Градоначалникот Бил де Бласио рече дека градот е на пат да дозволи јадење во затворен простор со ограничен капацитет, почнувајќи од 6 јули, како дел од следната фаза на повторно отворање. Куомо изјави дека ќе бидат потребни ефикасни филтри што можат да ги отстранат вирусите од системите за вентилација и ладење во сите трговски центри кои повторно ќе се отвораат. - Вакви филтри ќе бидат инсталирани во центарот Баркли на доделувањето на наградите МТВ на 30 август, рече тој. Куомо рече дека во текот на вчерашниот ден имало седум смртни случаи како последица на Ковид-19, а хоспитализирани се 853 лица, што е најмал број од почетокот на пандемијата. Тој ги повика локалните власти да ги применат правилата за задолжително носење маски и физичка дистанца. паг/    

Остани поврзан