Кумбароска Ванбесин во „Бизнис-клуб“: Функционирањето на правната држава ја намалува несигурноста на младите за останува во државата
- СООПШТЕНИЕ - Во последната епизода на поткастот „Бизнис-клуб“, во разговорот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со м-р Марија Кумбароска Ванбесин, доверлив советник за стратешки вработувања на високи позиции во одбори и во извршното раководство на консултантското претпријатие „Корн Фери“ во Брисел, се третираат теми за темелните принципи на функционирањето на државата, за образованието и за плановите на државата Охрид да стане привлечна дестинација во европскиот туризам.

24 март 2025
Во последната епизода на поткастот „Бизнис-клуб“, во разговорот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со м-р Марија Кумбароска Ванбесин, доверлив советник за стратешки вработувања на високи позиции во одбори и во извршното раководство на консултантското претпријатие „Корн Фери“ во Брисел, се третираат теми за темелните принципи на функционирањето на државата, за образованието и за плановите на државата Охрид да стане привлечна дестинација во европскиот туризам.
Зборувајќи за темелните принципи на функционирање на државата, Кумбароска Ванбесин, смета дека мора многу да се работи за да имаме правна држава која ќе биде поставена на здрави нозе, бидејќи тоа влијае врз економскиот раст на државата, врз намалувањето на одливот на кадар од нашата земја и врз привлекувањето на младите да се вратат во сопствената земја и тука да ја градат својата кариера. Според неа, ако имаме вистинска правна држава, се намалува несигурноста кај младите за останување во сопствената земја. Таа прави споредба со правниот систем во Белгија, каде што работи, и истакнува дека во Белгија има подобро разработен систем, иако и тој има недостатоци во однос на комплицираната и многубројна администрација, што го прави судството комплексно, но, сепак, успешно функционира.
Во разговорот се осврнуваат и на корупцијата, а за неа Кумбароска Ванбесин, вели дека ја има секаде, но кај нас е најизразена и мора многу да се работи на нејзиното искоренување. Споредено со Белгија, кога станува збор за корупцијата, тенденцијата во белгискиот систем е да се биде транспарентен – не се поддржува готовинското плаќање, па наплатата се реализира по електронски пат. Според неа, истото тоа може да се примени и кај нас за да се намали корупцијата.
Во продолжение на поткастот, Кумбароска, која студирала на Универзитетот „Фонтис“ во Ајндховен, Холандија, а магистрирала на Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија, потенцира дека образованието денес треба да се подигне на повисоко ниво бидејќи со досегашните реформи не се постигнале саканите резултати. Според неа, во текот на студиите во фокусот треба да биде обезбедувањето вештини преку директно работење во компании и во организации, затоа што работењето со претпоставени во реална работна средина и на конкретни задачи и студии на случај има сигурен ефект врз стекнувањето знаења и вештини.
„Во Холандија не се учи од книги, туку преку пракса и студии на случај. Ние уште од првиот час бевме испратени во компанија за да работиме со менаџерскиот тим на стратешки и на извозни планови за одредени земји, што е многу значајно во бизнисот за практичниот дел, кога учиш да работиш и во компании. Кога ќе го споредиме тоа со образовниот систем во Македонија, сфаќаме дека е многу поразлично. Таму е сè пракса, таму се сè студии на случај и се работи со компании уште од најраните студентски денови“, истакна Марија Кумбароска Ванбесин, во последното издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески.
Кумбароска Ванбесин, прави споредба со системот во Белгија, кој им дава голема поддршка на младите лица уште во текот на школувањето, и вели дека кај нив сè се планира однапред и ретко кој останува без работа.
„Во Белгија системот функционира. Младите уште од почетокот на своето школување се поддржани преку грантови и фондови за школување. Образованието е на многу високо ниво. Кога младите ќе завршат со него, точно е планирано кој каде ќе продолжи“, потенцираше Кумбароска Ванбесин.
Според неа, образованието е еден од факторите за враќање на довербата на младите во државата за останување овде.
Запрашана што треба да направи државата за Охрид да стане атрактивно туристичко место, Кумбароска Ванбесин, истакнува дека, прво, треба да се инвестира во инфраструктурата; второ, да се инвестира во изградба на хотели затоа што Охрид на мапата на европскиот туризам зазема значајно место, и, трето, да се направи промоција на Охрид преку културни настани, со акцент врз автентичноста на градот и врз неговата богата историја, затоа што Европејците ја сакаат автентичноста на градот, но и промоција преку планови кои ќе го промовираат како туристички центар.
Марија Кумбароска Ванбесин, била советник на претседателот на СКСМ во периодот од 2022 до 2024 година.
Стопанска комора на Северна Македонија
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.