Куманово останува чевларски град - чествувањето на Свети Спиридон, децениска традиција на чевларите
- Чевларите од Куманово, го прославија Свети Спиридон, заштитник на занаетчиите. Манифестацијата ја организираше Здружението на чевлари кои со децении ја практикуваат оваа традиција. Со желби за добро здравје и напредок се собраа во црквата „Свети Ѓорѓи“ каде со години го одбележуваат празникот. Годинава за кум беше избран Александар Масевски кој заедно со стариот кум, Фросина Петровска им посакаа успех, здравје на вработените од секторот. Настанот е можност за рамена на идеи, средби.
Куманово, 26 декември 2025 (МИА)
Александра МАКСИМОВСКА
Чевларите од Куманово, го прославија Свети Спиридон, заштитник на занаетчиите. Манифестацијата ја организираше Здружението на чевлари кои со децении ја практикуваат оваа традиција. Со желби за добро здравје и напредок се собраа во црквата „Свети Ѓорѓи“ каде со години го одбележуваат празникот. Годинава за кум беше избран Александар Масевски кој заедно со стариот кум, Фросина Петровска им посакаа успех, здравје на вработените од секторот. Настанот е можност за рамена на идеи, средби.

- Со децении го прославуваме чудотворниот светец Спиридон заштитник на чевларите, кумството се пренесува од едни на други колеги се крши колач се пренесува сликата која цела година се чува во фирмата. Убава традиција е која ја слават чевларите, изјави Фросина Петровска, сопственичка на фирма.
Кумството го презема Александар Масевски кој се надева дека идната година ќе биде уште подобра за чевларската индустрија.

- Она што се надеваме е дека квалитетот ќе го надмине квантитетот на увезени производи, изјави Масевски.
Куманово се развиваше во индустриски град токму поради вековната традиција во изработка на чевли. Во периодот на индустријализацијата, општествените промени, Куманово во не толку далечното минато броеше шеесетина мали, средни и извозно ориентирани компании. Добрата изработка, квалитетот, следењето на модните трендови е она по кое се препознатливи производителите на чевли од градот не само во државата, туку и во регионот и Европа.
Чевларството опстојува и покрај предизвиците
Во еден период индустријата генерираше околу 5 000 работници, дел од поранешниот гигант „Чик“. Денес веќе на прсти можат да се избројат погоните. Една од малкуте фирми, извозно ориентирани е на Звонко Ѓорѓијевски која извезува за Германија и Италија. Нема застој, ниту прекин во производството. Партнерите се задоволни од производството, од квалитетот, и како што вели немал рекламации. Фирмата произведува спортски чевли кои се продаваат во ексклузивни бутици во Германија и Италија. Од здружението велат дека Куманово ги следи негативните европски трендови на затворање на чевларските претпријатија. Недостиг на квалификувани работници, незначителен извоз, наплив на помалку квалитетни, но евтини чевли се причина за затворањето на погоните. Сепак, проблем за компаниите е недостиг на млад кадар како и на стручни луѓе за одржување на машините за производство, за што речиси и да нема интерес.

- Функционираме во овие услови, такви какви што се, некогаш поуспешно, некогаш помалку успешно, не се жалиме многу оди добро, има 80 вработени, луѓе кои работат подолг временски период од 20 до 30 години, некои се со нас од 1991. Дел се од поранешната држава, дел од кадарот тука почнаа, имаме и млади кои се едуцираат, изјави Ѓорѓијевски.
Во Хрватска, како што вели тој, проблемот го надминале самите компании со субвенции за образование на учениците кои пак се обврзани за време на распустите да изведуваат практична настава во погоните и извесен период да бидат вработени во фабриките.
Според него, и во останатите европски земји се затвораат чевларските компании.
Фросина Петровска, сопственичка на фирма вели дека работата е намалена што се должи на увозот на евтини производи од други земји.
-Стагнираше оваа година, извезуваме во соседните земји на Балканот. Квалитетното производство е скапо, но ние се бориме и не се откажуваме. Проблем е недостигот на работна сила. Висококвалификуваните работници веќе се пред пензија. Но, она што нè радува е што граѓаните, потрошувачите го препознаваат квалитетот, изјави Петровска.

Нејзиниот колега Александар Масевски вели дека годината поминала солидно.
- Работа имаше, но очекуваме дополнителен ангажман наредната година. Тешко е ама се наоѓа и кожа за производство. Репроматеријалите се поскапени, но сепак, квалитетот е она што нè одвојува од конкуренцијата од странство, вели Масевски.
ЛЕСС-Преку дијалог до поддршка
Општина Куманово преку локалниот економско-социјален совет во соработка со чевларските производни погони - и малите и средни, има повеќе предлози за надминување на состојбата, меѓу кои и редовни консултативно-советодавна средби за платформа за дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор.
-Потребно е да се изработи анализа и да се идентификуваат клучните проблеми и создавање на приоритети за чевларските погони и малите и средните претпријатија (МСП) со јасно дефинирани приоритети за интервенции, изјави Ахмет Јашаровски од ЛЕСС.

Локалниот економско - социјален совет предлага обуки за дигитализација, маркетинг и подобрување на продуктивноста, пристап до информации за фондови, конкурси и субвенции, менторство и бизнис консултации, поврзување со пазари и други бизнис мрежи, како и поддршка за пристап до национални и меѓународни фондови.
Општината во соработка со ЛЕСС работи на поврзување на локалните МСП со националните програми на Министерството за економија и други фондови, како и можности за финансирање преку донатори или меѓународни проекти.
- Предвидуваме зајакнување на соработката помеѓу Општина Куманово, Секторот за локален економски развој, Локален економско-социјален совет (ЛЕСС) и претставниците на чевларските погони и други МСП-а, со цел создавање конкретни механизми за поддршка, решавање на идентификуваните предизвици и развој на економски политики кои ќе ги поттикнат локалните бизниси да се развиваат и да придонесат за економски раст и социјална кохезија, изјави Јашаровски.
Министерство за економија и труд: Достапни мерки и програми
Министерството за економија и труд преку секторот за претприемништво и конкурентност на малите и средните претпријатија (МСП), настојува да го подобри деловното опкружување, да се поттикне конкурентноста и да се поддржи развојот преку програми, јавни повици и мерки за кофинансирање. Финансиската поддршка како што појаснуваат оттаму вклучува субвенционирање и кофинансирање на трошоци за инвестиции, како и развојни проекти, директно преку годишни програми финансирани од буџетот на државата што ги спроведува Министерството.

- Субвенционирање на занаетчии: кофинансирање на набавка на алати/машини и дизајн на производи. Кофинансирање на сертификации: 40 проценти од трошоците за ISO сертификации и HALAL сертификации (со ограничување на износите). Овие мерки обично се наменети за микро, мали и средни компании и занаетчии што исполнуваат законски регистрирани услови и имаат минимум вработени, велат од Министерството за економија.
На чевларската индустрија на располагање и се линии на кредит и финансиски инструменти преку партнерски банки или финансиски институции, особено за зелени инвестиции, енергетска ефикасност и дигитална трансформација, што често се финансирани со поддршка од ЕУ и меѓународни банки. Во Куманово според податоците има 3.098 микро, мали и средни претпријатија според податоците на поднесени годишни сметки во Централен регистар за 2024-та година.
Во Куманово за 2024-та, Министерството поддржало 16 микро, мали и средни компании, за набавка на опрема и машини, за субвенционирање на трошоци поддржани биле десет компании, пет занаетчии, додека еден апликант е поддржан за имплементација на ИСО стандарди во неговото работење, а од програмата за 2025-та година бил поддржан еден занаетчија.

- Анализата која ја направи Министерството по пат на анкета спроведена помеѓу апликантите, покажа дека овие мерки значително им помогнале на компаниите да го зголемат бројот на вработените, обртот и профитот. Повеќе од 80 проценти од компаниите изјавиле дека се задоволни од износот на доделената поддршка што покажува дека мерките успешно одговориле на потребите на бизнисите. Сметаме дека ваков тип на мерки е особено значаен за микро и малите компании кои најчесто немаат доволно информации или ресурси за можностите за финансиска и нефинансиска поддршка кои им се на располагање, при што овие мерки освен што се насочени директно кон малите компании, најчесто од преработувачката индустрија, истите се едноставни и лесни за аплицирање, наведуваат од Министерството.
Министерството за економија и труд неодамна ја донесе новата стратегија за МСП за период 2025-2030-та заедно со акцискиот план за имплементација за период 2025-2027-ма. Програмата за поддршка и промоција на претприемништвото и МСП за 2026-та ќе вклучува мерки и активности кои се во насока на остварување на приоритетите и целите од три клучни области на делување-Конкурентен национален претприемачки екосистем, пристап до финансии и зелена и дигитална транзиција.
Преку квалитет до опстанок
Чевларството постојано бара нов и квалификуван кадар за индустријата во која речиси секогаш има слободни работни места. Во изминативе години преку Центарот за вработување во Куманово и преку стручното училишта „Перо Наков“ во Куманово се реализираат обуки и поддршка за учениците преку дуалното образование токму за оваа индустрија.
Куманово останува чевларски град. Во деновите од викендот, туристи од соседните држави и од другите градови од земјава ги посетуваат бројните салони за продажба на готови производи, а голем дел од домашните потрошувачи нарачуваат уникатни производи од чевлари кои рачно изработуваат, чевли, чизми, патики, чанти.
Фото МИА