• четврток, 14 ноември 2024

Куманово објави повик за младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар

Куманово објави повик за младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар
Куманово, 21 март 2023 (МИА) - Општина Куманово ги повика младинските организации да се пријават на повик за раководење со Младинскиот центар во Куманово, соопштија денеска од Општината. На повикот можат да конкурираат младинските организации и организации за млади, регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации. Советот на Куманово основаше Младински центар кој преку јавен повик ќе биде доделен на управување на младинска организација или организација за млади во временски период од пет години, од март 2023 до март 2028 година.

Заинтересираните организации треба да достават програма за работа на центарот преку која ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот на заедницата преку: неформално образование: обучување и подучување на млади, информирање, менторство, подучување и советување, и искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности организирани за и од млади.

Младинскиот центар во Куманово треба да биде од отворен тип и да им биде достапен на младите најмалку 40 часа неделно, распоредени во најмалку пет дена. Заинтересираните организации потребно е да достават пријави, буџет, портфолио, биографии, тековна состојба од Централен регистар. Деталите за пријавата се достапни на општинската веб страница.

- Висината на финансиски средства кои ќе се исплаќаат годишно од буџетот на Општина Куманово за раководење на Младинскиот центар во Куманово се 600.000 денари годишно, или за период на траење на Договорот кој ќе го потпише Општина Куманово со младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Општина Куманово на пет години, 3.000 000 денари (Март 2023 година – Март 2028 година), наведуваат од општината.

Градоначалникот ќе формира комисија за разгледување и евалуација на поднесените пријави која ќе достави мислење за избор, по што градоначалникот ја носи одлуката за избор.

Во случај на заедничка пријава од повеќе организации, договорот ќе биде потпишан со една од организациите. На огласот имаат право да се пријават младински организации или организации за млади со седиште во општина Куманово кои се регистрирани во регистарот на младински организации и организации за млади, постојат повеќе од пет години и работат во полето на младинската работа и младинскиот активизам.

Пополнетите пријави заедно со програмата и буџетот треба да бидат подготвени во формуларите изработени врз основа на стандардите за квалитет на младинските центри од Правилникот на Агенцијата за млади и спорт. Пријавите да се достават до Општина Куманово во рок од 7 (седум) дена по објавувањето на јавниот повик во архива или по пошта на адреса: Општина Куманово, ул. 11 Октомври бб, 1300 Куманово, со назнака „Јавен повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово, наведуваат од општината.

Во согласност со Законот за младинско учество и младински политики, младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите.

Младинските центри се основаат во соработка меѓу општините и младинските форми на организирање регулирани во законот. ам/дма/
 
Фото МИА

Остани поврзан