• недела, 22 декември 2024

КСС со свечена академија го одбележа Меѓународниот ден на трудот

КСС со свечена академија го одбележа Меѓународниот ден на трудот

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска со свечена академија го одбележа 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот. 

Претседателот на КСС Благоја Ралповски им го честиташе 1 Мај на сите работници во државата и изрази благодарност до ВМРО-ДПМНЕ, која е, како што рече, една од трите која денеска се одзва на овој наш повик на Јавната акдемија за презентирање на програмата. 

- Изминатите години, гледате на транспарентите околу нас, што се случуваше во државата. Можам да кажам дека еден хаос, кој се пренесе во работничките односи, денеска сакаме да го расчистиме со оние политички партии кои претендираат да бидат на власт. Денеска беше разговарано за непочитувањето на законите и колективните договори, тоа е една наша првична определба, која уште од 2017 година низ улиците на Македонија, со десетици протести и штрајкови на одредени синдикати го баравме, рече Ралповски.

Додаде дека се почитува делумно, не се почитува целосно и затоа денеска побарале од политичките партии да дојдат тука и да ги презентираат нивните програми, да ги кажат нивните размислувања, работата која ќе ја пренесат во Владата. - Дали во иднина да очекуваме ист ваков хаос или дека работите ќе си дојдат на свое место, рече Ралповски.

Според него, во земјава имаме добри закони и имаме, како што рече, какви такви колективни договори. - Во минатото ни беше одземено правото да преговараме целосно во делот на колективните договори, туку тоа беше наметнато преговарање. Ние треба само да го почитуваме работникот, да ги почитуваме законите и да ги почитуваме колективните договори, порача Ралповски.

Технички министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски и портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник Марија Митева беа дел од делегацијата на оваа партија. Велковски им го честиташе 1 Мај на сите работници во земјава и порача вработените секој ден да се борат за своите права.

- Борбата за вработените и за работниците продолжува и треба да биде врвен приоритет за сите нас. Денеска заедно со КСС дискутиравме и се согласивме за многу работи, кои за жал изминатите седум години не функционирале во системот на државата. Да, имаме добри закони, кои треба да се применуваат, меѓутоа остануваат отворени многу прашања дали се применуваат или не. Денеска имаме Закон за работни односи, Закон за безбедност и здравје при работа, повеќе од пет години во фиоките, да не бидат презентирани и јавно достапни до секој еден чинител во општеството за да дадат свој придонес, за да бидат квалитетни и функционални за сите работници во Македонија, рече Велковски.  мд/дма/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан