• четврток, 21 ноември 2024

КСЗД упати жалба по пресудата на Управен суд, во врска со мислењето на Комисијата за утврдена дискриминација кон обвинителката Ленче Ристоска

КСЗД упати жалба по пресудата на Управен суд, во врска со мислењето на Комисијата за утврдена дискриминација кон обвинителката Ленче Ристоска

Скопје, 27 август 2024 (МИА) – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација упати жалба по пресудата на Управниот суд во врска со мислењето на Комисијата, со кое се утврди дискриминација од страна на Советот за јавни обвинители кон обвинителката Ленче Ристоска.

- Управниот суд не може да одлучува за мислења на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи тие не се управни акти, реагираат од КСЗД и бараат Вишиот управен суд да ја укине спорната пресуда и да ја врати на претходно одлучување на Управниот суд, со насока, да донесе решение за отфрлање на тужбата како недопуштена. 

Комисијата, се вели во соопштението од КСЗД, смета дека се сторени суштествени повреди на одредбите за постапката и погрешна примена на материјалното право од страна на Управниот суд. 

КСЗД упати жалба по пресуда до Управниот суд во врска со мислењето на Комисијата, со кое се утврди дискриминација од страна на Советот за јавни обвинители кон обвинителката Ленче Ристоска.

-Судот погрешно постапи со тоа што не ја отфрли тужбата со решение согласно Законот за управни спорови, бидејќи не се исполнети услови за водење на управен спор. Имено, Мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, оспорувано од Антонио Јолевски не е управен акт и против него не може да се води управен спор. Управниот суд, со оваа пресуда, остава простор за креирање на противправна пракса на третирање на мислењата на Комисијата како управни акти, спротивно на Законот за управни спорови и Законот за спречување и заштита од дискриминација, се вели во реакцијата од КСЗД. 

Со мислењето, КСЗД посочува дека Комисијата не одлучува за права, обврски и правни интереси, во конкретниот случај на тужителот Антонио Јолевски, туку одлучува, дали во случајот е сторена дискриминација и дава препорака за нејзино отстранување. 

- Препораките на Комисијата не се правно-обврзувачки, односно, спроведувањето на препораката е оставено на диспозиција на сторителот на дискриминација. Доколку сторителот, како во случајот, не се согласува со мислењето на Комисијата и не сака да ја спроведе препораката, постапката продолжува пред прекршочен суд, кој ќе утврди дали е сторена дискриминација. Препораката на Комсијата има правно дејствие како опомена или прекршочен платен налог како во други постапки кои се однесуваат на прекршоци. Оттука, незадоволниот сторител на дискриминација, согласно мислењето на Комисијата, има прилика истото да го спори пред Прекршочен, а не Управен суд, се вели во соопштението од КСЗД.

Од КСЗД, исто така, посочуваат дека пресудата на Управниот суд е спротивна на принципите на Обединетите нации за статусот на Националните институции за човекови права и тела за еднаквост. Исто така, со оваа пресуда, Управниот суд не ја следи ниту сопствената практика во однос на истото правно прашање, со што создава правна несигурност. Во 2021 година, Управниот суд со решение ја отфрли тужбата во предметот УПР бр.37/2021 изјавена против мислење на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, наведувајќи дека мислењата на Комисијата не се управни акти против кои може да се води управен спор, туку претставуваат препорака упатена кон физичко или правно лице. аа/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан