Крушево ќе биде домаќин на бизнис-саем со домашни и странски компании
- На 30 и 31 јули во Крушево ќе се одржи бизнис-саем на кој се очекуваат компании од Балканот и пошироко. Саемот го организира агенцијата за маркетинг „Еуростеп“ во соработка со Општина Крушево
Крушево, 13 април 2022 (МИА) - На 30 и 31 јули во Крушево ќе се одржи бизнис-саем на кој се очекуваат компании од Балканот и пошироко. Саемот го организира агенцијата за маркетинг „Еуростеп“ во соработка со Општина Крушево.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски оствари средба со организаторите на саемот и истакна дека ова е голема шанса за бизнис-секторот и за инвестирање во Крушево.
- Крушево веќе се препознава како туристички активно место, а започнуваме и со организација на саеми. Ова е можност за локалниот бизнис-сектор да оствари контакт за проширување на услугите и на пласманот на производите, но и Крушево да се промовира како дестинација за инвестирање, рече Христоски.
Тој најавува средба со бизнис-секторот на 19 април за да се запознаат со концептот на организирање на саемот и за воспоставување комуникација со други домашни и странски компании. ем/фф/