• петок, 05 декември 2025

Кривопаланечките сениорки подобри од ЖКК „Рилски Спортист“

Кривопаланечките сениорки подобри од ЖКК „Рилски Спортист“

Крива Паланка, 21 септември 2025 (МИА) - Сениоркиот женски состав на Кошаркарски клуб Крива Паланка оствари победа против силниот тим на ЖКК „Рилски Спортист“ од Самоков, Бугарија.

Тимот предводен од Виктор Петровски беше домаќин на бугарскиот прволигаш во подготвителниот натпревар во пресрет на сезоната 2025/26, во која паланчанки ќе се натпреваруваат и на меѓународна сцена во WABA 2 првенството, кадешто дебитираат во јубилејната 25-та сезона на реномираното јадранско натпреварување.

Дуелот се одигра во спортската сала „Бранители 2001“ и заврши со резултат 80-74.

-Одигравме силен, ефективен и динамичен натпревар во кој ги одмеривме силите со искусните кошаркарки од „Рилски Спортист“, актуелни учесници во најелитното бугарско кошаркарско првенство и во WABA 1 лигата. Ова беше контролен преглед на тимската форма и воиграност, откако во нашиот табор сезонава покрај искусните првотимки Алексовска и Ѓоргиевска и талентираните млади играчи од школата на КК Крива Паланка, се приклучија трите Американки од NCAA 1 дивизија: Дежа Грин, Аби Ниехуес и Алексис Пул. Задоволен сум од играта и продолжуваме интензивно да работиме на темпирање на формата за домашното првенство, но истовремено се фокусираме и на меѓународните настапи што стартуваат следниот викенд, 27 и 28 септември, кога сме домаќини на првиот WABA 2 турнир сезонава, рече тренерот Виктор Петровски.

Претстојниот викенд КК Крива Паланка дебитира на сениорската меѓународна сцена, домаќин е на еден од двата WABA 2 турнири во првото коло од лигата, во чии рамки ќе одигра два дуели, против ЖКК „Подгорица“ од Црна Гора и ЖКК „Бановиќи“ од Босна и Херцеговина.

Четвртиот учесник на турнирот е ЖКК „Јежице“, Љубљана, Словенија.ид/вј/


Фото: МИА

Остани поврзан