• четврток, 21 ноември 2024

Кривична пријава за „фалсификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „несовесно работење во службата“

Кривична пријава за „фалсификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „несовесно работење во службата“

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) – Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против седум лица за „фалсификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „несовесно работење во службата“.

Како што соопштуваат од МВР, поднесена е една кривична пријава против правно лице од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, против управителот во правното лице Д.Ј.(37) од Кавадарци, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, против три лица од Скопје, Н.М.П.(40), О.С.С.(49), О.Н.(54), вработени во Министерството за финансии, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и против Л.Т.(63) и М.С.(45), двете од Скопје, вработени во Министерство за финансии, поради постоење основано сомневање за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“  од Кривичниот законик.

Во соопштението се наведува дека во периодот од 13.07.2022 до 06.08.2024, пријавениот Д.Ј., на управител на правното лице, изготвил лажна исправа - Банкарска гаранција, наводно издадена од една банка. После тоа, банкарската гаранција ја приложил како вистинска во Министерството за финансии, во врска со добиената лиценца за приредување на игри на среќа, во која е предвидено дека приредувачот на игри на среќа за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа, плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебните давачки е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција и во рок од 15 дена од приемот на лиценцата, во истиот рок да го достави доказот за депонираниот депозит или банкарската гаранција до Министерството за финансии.

– Пријавената Н.М.П., во својство на советник за системот на осигурување, и покрај тоа што знаела дека барањето не е доставена во законски предвидениот рок, без да ја архивира со приемен печат и без да изврши контрола на соодветноста на банкарската гаранција, ја депонирала во предметот како вистинска. О.С.С., раководител на Одделение за игри на среќа и за забавните игри, без да ја провери соодветноста на доставената банкарска гаранција ја проследила без приемен печат до Л.Т., која во својство на раководител на Сектор за финансиски систем во Сектор за финансиски систем и потоа М.С. во својство на Државен советник за прашања од финансискиот систем, со пропуштање на должен надзор, го одобриле проследувањето на лажната банкарска гаранција до О.Н., државен советник за јавна внатрешна финансиска контрола, која била должна да изврши проверка на предметите кои се доставуваат во Сектор кабинет за потпис од Министерот за финансии, Заменик министерот за финансии и Државниот секретар, а кои се во надлежност на Секторот за финансиски систем, во делот на издавање на лиценците за приредување на игрите на среќа во обложувалница, автомат клуб, казино и томбола од затворен тип.

Со наведените дејствија пријавените лица предизвикале штета на државниот буџет во износ од 32.000 евра и му овозможиле на правниот субјект да ја користи добиената лиценца и да се стекне со противправна имотна корист од 13.489.952 денари. ра/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан