• сабота, 23 ноември 2024

Крива Паланка се збратими со општината Грос-Цимерн од Германија

Крива Паланка се збратими со општината Грос-Цимерн од Германија
Крива Паланка, 15 јуни 2022 (МИА) - Градоначалниците на општините Грос-Цимерн од Германија и Крива Паланка, Ахим Грим и Сашко Митовски денеска потпишаа официјална повелба за збратимување на двете општини. Градоначалникот Грим порача дека во овие тешки времиња поважно од кога било е луѓето од различни националности да се зближуваат, да разменуваат идеи и да учат едни од други. - Зарем ништо не научивме од последиците од втората светска војна чии болни траги се чувствуваат и денес? Денес и овде ја осудуваме војната во Украина и Русија, а тоа што ни треба е мирен светски поредок и крај на светските вооружени конфликти. Запознавањето различни националности значи да се научи, види и разбере, како живеат, што работат луѓето во Северна Македонија, кои се нивните традиционални јадења и пијалоци, како се изразуваат преку националните танци. Ова партнерство треба да се карактеризира со голема почит и признание од другиот. Треба преку ова партнерство да се изрази волјата дека може да се сретнеме во мирен и слободен соживот, да воспоставиме официјални и приватни пријателства, рече Грим. Градоначалникот Митовски рече дека Општина Крива Паланка од денеска ќе биде побогата, бидејќи кругот на збратимени градови се проширува со уште една голема пријателска Европска општина, а тоа е Грос-Цимерн. -Новите пријателства и воспоставени релации секогаш претставуваат нови можности за соработки и продлабочување на воспоставените комуникации. Токму ова денешно официјално збратимување со Грос-Цимерн се темели на една таква иницијатива, од пред подолг временски период, поттикната од едно пријателство меѓу Јашко Станојковски, нашинец, Македонец по потекло од соседна општина Ранковце, кој живее и работи во Грос-Цимерн и нашиот сограѓанин Борче Стојчевски, поранешен претседател на Советот на општина Крива Паланка и советник. Првичната иницијатива прераснала во пријателство меѓу овие две општини, по што е потпишан акт за соработка од страна на Советот на Општина Крива Паланка, за од страна на Општина Грос-Цимерн многу скоро да ни биде подедена рака за пријателство и збратимување, рече Митовски. Тој упати благодарност до заслужните за овој денешен чин, Станојковски и Стојчевски, доделувајќи им плакета за посебна заслуга од општината. Пред четири години Општина Грос-Цимерн има донесено официјален акт со кој Крива Паланка е во групата збратимени градови од Европа со Грос-Цимерн и тоа, градови од големите еввропски држави Италија, Германија и Франција. -Ние како кривопаланчани сме срдечни и гостопримливи луѓе, а одликата на секој паланчанец е домаќинлукот кој отвора врата и подава рака за нови пријателства. И не само тоа, од денес, сите жители на Грос-Цимерн се и наши сограѓани, нивното доаѓање тука од денес е - враќање дома, слободно имајте ја нашата Крива Паланка како братска куќа, додаде Митовски. Тој ги покани граѓаните да ги повикаат и нивните пријатели, блиски, да бидат гости во Крива Паланка во кој било период од годината и да се создадат трајни и нераскинливи соработки и релации во сите области на оптштественото живеење, од туризам, преку култрура, спорт, традиција. ид/рп/      

Остани поврзан