• понеделник, 23 декември 2024

Кремљ: Нема потреба од претседателски декрет за завршување на мобилизацијата

Кремљ: Нема потреба од претседателски декрет за завршување на мобилизацијата

Москва, 1 ноември 2022 (МИА) - На Русија не и е потребен претседателски декрет за  официјализирање на завршувањето на делумната мобилизација на резервистите за борба во Украина и тој нема да биде издаден, објави денеска Кремљ.

На 21 септември, рускиот претседател Владимир Путин го објави почетокот на првата мобилизација во Русија по Втората светска војна, по серијата воени порази од Украина. Поради оваа одлука, стотици илјади мажи, регрути, отидоа во соседните земји како Грузија, Ерменија и Казахстан, додека повеќе од две илјади луѓе беа затворени поради протести против мобилизацијата.
Русија веќе соопшти дека регрутирала 300.000 резервисти кои и биле потребни за нешто повеќе од еден месец и дека мобилизацијата повеќе не се спроведува. Сепак, одбивањето на Кремљ да издаде официјална потврда за крајот на регрутирањето ја зголемува загриженоста кај Русите дека мобилизацијата сепак може да продолжи. Во понеделникот Путин рече дека ќе се консултира со правни експерти за да види дали е потребно за тоа да се донесе уредба. „Уредбата не е неопходна“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Правното одделение на претседателската администрација донесе заклучок дека делумната мобилизација е завршена. Од Министерството за одбрана се испратени телеграми до канцелариите за мобилизација за да се заврши испраќањето на документите за регрутирање“, додаде тој. паг/  
 

Остани поврзан