• понеделник, 25 ноември 2024

Крамп-Каренбауер потврди дека нема да учествува на избори, но оти останува лидерка на ЦДУ

Крамп-Каренбауер потврди дека нема да учествува на избори, но оти останува лидерка на ЦДУ
Берлин, 10 февруари 2020 (МИА) - Лидерката на германската Христијанско-демократска партија Анегрет Крамп-Каренбауер (АКК) денеска потврди дека нема да се кандидира за канцелар на Германија на сојузните избори, што се закажани за идната година, но наведе дека ќе остане лидер на партијата се додека не се најде следниот кандидат. Таа наведе дека се надева оти нејзината одлука нема да влијае врз стабилноста на владејачката коалиција со Социјалдемократската партија (СПД). Крамп-Каренбауер додаде и дека ќе остане министер за одбрана до крајот на мандатот односно до есента 2021 година. Претходно, германската канцеларка Ангела Меркел изрази жалење поради одлуката на нејзината блиска соработничка Крамп-Каренбауер да се откаже од кандидатурата за канцелар на сојузните избори следната година Крамп-Каренбауер беше во центарот на политичкиот скандал заради кој за време на викендот беше свикан и состанок на владејачката коалиција, со кој претседаваше канцеларката Меркел, откако во покраината Тирингија првпат беше избран премиер со помош на гласовите на десничарската „Алтернатива за Германија“. Откажувањето од кандидатурата за канцелар предизвика различни реакции, германската левица е шокирана, а десницата е воодушевена. Прв реагираше државниот секретар за Европа, социјалдемократот Михаел Рот, кој на Твитер напиша „Земјотресот продолжува“. Тој додаде дека по повлекувањето на Крамп-Каренбауер, уште понеизвесно е дали „пристојните демократи ќе останат обединети, без оглед на партиската припадност, во борбата за демократија и против национализмот“. Претседателката на Левицата, Катја Кипинг изрази загриженост дека ЦДУ ќе се сврти кон десно по повлекувањето на АКК. - Нејзина заслуга беше одржување на ограничувањата на Унијата кон десницата, рече Кипинг. Во исто време, веста за повлекувањето на Крамп-Каренбауер ја израдува АфД. Александар Гауланд, претседател на пратеничката група на партијата, ја поздрави нејзината одлука и рече дека сега гледа шанса за доближување на ЦДУ и АфД. - Сосема е бесмислено и нереално трајно да се одбива соработка со АфД, рече Гуланд. Поранешниот заменик-канцелар и лидер на СПД, Зигмар Габриел оцени дека откажувањето на Крамп-Каренбауер од кандидатура за канцелар и повлекувањето од врвот на ЦДУ, покажува дека демохристијаните се во криза која може да доведе до крај на владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите. - Повлекувањето на Крамп-Каренбауер е логична последица на тоа што не успеа да се наметне дури и во покраинскиот огранок на ЦДУ во Тирингија. Ниту еден заменик не дојде да и помогне, рече Габриел. Тој додаде дека самата канцеларка Меркел морала да решава главни прашања откако во Тирингија беше избран премиер со гласови на ЦДУ, либералите и десничарската АфД. - Го доживуваме крајот на уште една голема народна партија во Германија. По СПД, ни ЦДУ веќе не е во состојба да ги издржи тензиите на партијата. Крилата премногу се оддалечија, рече тој и додаде дека очекува предвремени избори. ми/

Остани поврзан