• четврток, 09 мај 2024

Коњановски: Ќе работиме на локалниот економски развој и патната инфраструктура, ќе изградиме топлификација во Битола

Коњановски: Ќе работиме на локалниот економски развој и патната инфраструктура, ќе изградиме топлификација во Битола

Битола, 1 октомври 2021 (МИА) - Верувам во Битола, во нејзината способност да се издигне повторно во урбан и динамичен град. Верувам дека токму вие, битолчани, го имате решението да ги надминеме заедничките проблеми кои го уназадуваат градот во последните години. Мојот фокус се најгорливите проблеми кои не допираат сите, без исклучок. Борбата за Битола е борба за инвестиции, рече кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски на вечерашниот митинг во Битола, каде беа претставени и кандидатите за советници во овој град. Обраќање имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Нови инвестиции и нови работни места, преку уредување на инфраструктурата во индустриска зона  Жабени. Овој проект индустриска зона Жабени е клучен за локалниот економски развој кој е основна движечка сила на целокупниот развој на општината. Борбата за Битола е борба за здрава животна средина, а еден од чекорите се проектите за гасификација и топлификација на Битола, рече Коњановски.

Во делот на законските надлежности на локалната самоуправа, истакна тој, ќе обезбедиме комплетна поддршка, по завршувањето на изградбата на магистралната гасификациона мрежа, да отпочнеме со сите активности за изградба на дистрибутивната мрежа.

-За проектот топлификација на Битола, да го искористиме РЕК и да изградиме топлификација во Битола, да ја зачуваме животната средина, но и да овозможиме намалување на трошоците за греење на граѓаните на Битола и реално нешто да промениме кон подобро, промена која е од корист за сите, рече Коњановски.

Борбата за Битола, според него, е борба за средување на патната инфраструктура, изградба и реконструкција на улици и интервенции во уличната инфраструктура во руралните места и градските населби. Градот треба да биде не само еден од најголемите индустриски, економски, политички, културни и спортски центри, туку и современ образовен центар, почнувајќи од предучилишното, основното, средното до високото образование. Најави изградба на ново основно училиште во Битола во населбата Буковски ливади, која брои над 4000 жители. Негова заложба е и спорт за сите во општината преку изградба и реконструкција на спортски сали, поддршка на локалните спортски клубови и подобрување на училишниот спорт, врвен спорт и спорт за лица со попреченост.

Коњановски вети изградба на мултифункционален спортски комплекс и додаде дека Битола ќе стане велоград - зелен град со изградба на примарни велосипедски патеки и премини низ целиот град, рекреативни велосипедски патеки, како и уредување на пешачките и велосипедските патеки на улиците во комплексот Касарна. Изградба на нов парк.

Според него Битола со Пелистер, со своите културно - историски знаменитости, но и со збогатување на понудата мора да прерасне во препознатлива точка на туристичката мапа во државата, на Балканот, во Европа, па и во светот.

-Целта е зголемување на учеството на туризмот во локалниот буџет, како и зголемување на бројот на вработени во секторот туризам, со што би се намалила невработеноста и би се зголемил животниот стандард на битолчани. Нашата Битола е стар цивилизациски и културен центар. Битола е крстопат каде се спојувале ориентот и западот, се создавала уникатната мода преку спојувањето на ала турка и ала франга традициите, град каде погледите зајдуваат, град со илјадници приказни - град кој мора да воскресне, рече Коњановски. ев/мт/

 
 

Остани поврзан