Кошта: Израелската операција во Појасот Газа повеќе не е самоодбрана
- Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта во интервју за францускиот весник „Гранд континент“ (Le Grand Continent) изјави дека воената акција на Израел во Појасот Газа повеќе не е самоодбрана
Брисел, 22 септември 2025 (МИА) – Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта во интервју за францускиот весник „Гранд континент“ (Le Grand Continent) изјави дека воената акција на Израел во Појасот Газа повеќе не е самоодбрана.
- Со зборови не може да се опише хуманитарната трагедија во Газа. Користењето глад како оружје на војната е неприфатливо. Израел мора да се согласи на прекин на огнот, да дозволи хуманитарна помош да влезе во Газа и да го почитува меѓународното право. Исто така, мора да ги прекине нелегалните активности на доселениците на (исто така палестинскиот) Западен Брег. Она што Израел го сака е да ја поткопа одржливоста на палестинската држава, наведе Кошта.
Тој посочи дека црвена линија за Европа е раселувањето на Палестинците и оти тоа не смее да се случи.
- По две години војна, десетици илјади смртни случаи и ужасно уништување во Газа, Хамас ги задржа оперативните капацитети. Постојат две можности за оваа ситуација: или операцијата беше неуспешна затоа што не успеа да го уништи Хамас, или вистинската цел беше нешто друго … Уништување на Газа за да се оневозможи каков било мирен соживот со Палестинците во суверена држава, истакна Кошта.
Претседателот на ЕС во интервјуто се осврна и на актуелните приоритети на ЕУ – одбраната и конкурентноста. Според Кошта, рускиот претседател Владимир Путин покажува „јасни империјалистички амбиции“, како во поранешниот Советски Сојуз и оти ако Русија победи во војната во Украина, тоа би било „страшна закана по цела Европа“.
Кошта ги коментираше и односите со Вашингтон, нагласувајќи дека САД се важен економски партнер со многу моќен пазар за европските компании и земја со многу силни врски со европскиот континент.
- Преговорите со САД не беа само за трговија. Тие имаа три аспекти: одбрана, Украина и трговија, наведе Кошта. ми/
фото: ЕПА