• сабота, 21 јуни 2025

Кошта: Визијата што се роди од пепелта на Втората светска војна доведе до Европската Унија 

Кошта: Визијата што се роди од пепелта на Втората светска војна доведе до Европската Унија 

Стразбур, 7 мај 2025 (МИА) - Денес кога се навршуваат 80 години откако оружјето замолкна низ цела Европа, со што беше ставен крај на војната што го опустоши нашиот континент, одзеде десетици милиони животи и остави цели нации во урнатини, се сеќаваме на напорите за обнова и длабоко вкоренетата желба на европските народи да кажат: „никогаш повеќе“, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на церемонијата во Европарламентот по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа. 

- Од пепелта на Војната се роди смела визија. Визија не само за обнова на Европа, туку и за нејзина фундаментална трансформација. Оваа визија стана она што денес е нашата Европска Унија, еден од најуспешните мировни проекти во човековата историја, рече Кошта. 

Тој нагласи дека по Втората светска војна непријателите станаа партнери, а границите станаа мостови, но ако нешто можеме да научиме од историјата, тоа е дека мирот никогаш не смее да се зема здраво за готово, бидејќи никогаш не е траен. 

- Денес, на денот што треба да биде ден на мирот, за жал не можеме да го славиме мирот во мир, бидејќи војната се врати во Европа по руската инвазија врз Украина. Војна водена против суверена нација, што претставува директен напад врз одредбите на меѓународното право и напад врз меѓународниот поредок, кој беше воспоставен по Втората светска војна. Затоа Европската Унија цврсто ја поддржува Украина уште од првиот ден. Не само во нејзиното право да се брани, туку и во правото за иднина без стравување. Иднина на мир, рече Кошта. 

Сепак, според него, потребен е мир кој нема да биде само обичен прекин на огнот и пауза помеѓу две офанзиви, туку вистински праведен и траен мир заснован на принципите на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет и на меѓународното право. 

- Оваа војна веќе ја трансформираше Европа и не можеме да се вратиме назад. Таа ни овозможи да ја зајакнеме нашата заедничка одбранбена политика, не во форма на враќање кон милитаризмот, туку кон одвраќање од идна агресија. Вистинскиот интегриран европски одбранбен систем повеќе не смее да биде далечен сон. Тој мора да биде дел од нашата сегашна реалност, рече Кошта. 

Тој додаде дека војната придонесе и за зближување и нови нивоа на соработка на земјите членки на ЕУ со партнерите, особено со Велика Британија, Норвешка, Исланд и Турција, но помогна и во забрзување на проширувањето кон Украина, Молдавија и Западен Балкан, што е најдобрата геополитичка инвестиција што Европската Унија може да ја направи за посилна, побезбедна и подемократска Европа. 

- Одбраната на Европската Унија со единство, волја и храброст е единствениот начин да им се оддаде почит на оние кои загинаа бранејќи ја демократијата и слободата пред 80 години. Унијата не е изградена како споменик, туку како чувар на идниот мир, додаде Кошта. 

Според него, мирот не е само отсуство на војна, туку тој е поврзан и со правдата, соработката, демократската отпорност и меѓусебното почитување и се гради секојдневно, преку дијалог, заеднички институции и желба зад триумф над поделбите. 

- Затоа, да се погрижиме оваа церемонија да не биде само комеморација, туку вистински повик за акција. Повик да ја обновиме нашата посветеност на зајакнување на нашата Унија и за заштита на она што е толку тешко стекнато и толку лесно може да се изгуби, рече Кошта. 

Тој се обрати и до ветераните од Втората светска војна, од кои тројца беа присутни и на церемонијата во ЕП, заблагодарувајќи им се за нивната храброст, борба и посветеност на слободата. 

- Никогаш да не заборавиме дека мирот е наше наследство, но дека е и наша одговорност. Да ги славиме оние што се бореа за слобода во тоа време. Да покажеме солидарност со оние кои денес се борат да го одбранат, додаде Кошта во обраќањето. сп/ 

Фото: Европски парламент 

Остани поврзан