• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска - Стојчевска: „Мал битолски Монмартр“ е македонски културен бренд

Костадиновска - Стојчевска: „Мал битолски Монмартр“ е македонски културен бренд

Битола, 23 мај 2023 (МИА) - „Мал битолски Монмартр“ е македонски културен бренд што ја промовира нашата држава насекаде во светот, истакна вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска, на свеченото отворање на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.

Во изјава за медиумите Костадиновска Стојчевска посочи дека „Мал битолски Монмартр“ е место каде младите уметници од земјава и од светот, се запознаваат, се дружат, разменуваат искуства, учат едни за други и за земјите од каде што доаѓаат.

-Уметничкиот натпревар е само форма преку која младите ја развиваат љубовта кон уметноста, ги шират идеите за обединост, за пријателство, за надминување и прифаќање на различностите. Министерството за култура секоја година е партнер на „Малиот битолски Монмартр“ и во континуитет финансиски ги поддржува проектите на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола. Успесите и влијанието што ги има „Малиот битолски Монмартр“ се влог и поттик и за Министерството за култура за натамошна засилена поддршка на фестивалот на кој победуваат децата, нивната искреност и креативнот, посочи Костадиновска - Стојчевска.

Најновото издание на „Мал битолски Монмартр“ пред гостите од државата и светот, амбасадорите на Јапонија и Франција, конзулите на Грција, Бугарија, како и министрите Бисера Костадиновска - Стојчевска и Ристо Пенов, го отвори градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

-Битола повторно е место во кое убавините на староградската и урбаната арихитектура ќе бидат инспирација за ликовните уметници, учесници од 13 држави во светот. Со отворањето на 42. издание на „Мал битолски Монмартр“ продолжуваме една долга традиција многу значајна за Битола и затоа даваме силна поддршка на оваа манифестација. Честитам за континуитетот на делото на почитуваниот Коста Хаџиатоновски кој до последен здив од својот живот вложуваше многу љубов и енергија во оваа манифестација, нагласи Коњановски.

Според востановената традиција, на свеченото отворање беа доделени наградата Гран при која оваа година им припадна на младите ликовни творци од студиото „Simply Art“ од Хонг Конг-Кина, а награди добија и учесници од Индија, Јапонија, Србија, Бугарија, Словачка, Црна Гора, Турција и други држави.

Со одлука на меѓународниот управен одбор, посебни признанија им беа доделени на конзулите во генералните конзулати на Бугарија и Грција со седиште во Битола, на Општина Битола и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. мт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан