• понеделник, 23 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Сликовницата е сериозна работа, на секоја одделно треба да ѝ се пристапи како на уметничко дело

Костадиновска-Стојчевска: Сликовницата е сериозна работа, на секоја одделно треба да ѝ се пристапи како на уметничко дело

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Сликовницата е сериозна работа и на секоја одделно треба да ѝ се пристапи како на уметничко дело, порачала министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на панел дискусијата „Од буква до приказна“ што се одржа во рамки на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“.

- Пред 10 години издавачите се жалеа дека е загрижувачки мал бројот на наши автори на сликовници и воопшто на книги за деца и млади и дека затоа се принудени да преведуваат странски автори или да препечатуваат стари изданија само колку да има наши автори. Таа слабост ја увиде и Министерството за култура и, за среќа, во последниве три години, состојбата се менува. Во меѓувреме, за среќа, се појавија и нови генерации кои со својот талент и страст целосно се посветија на оживување на овој битен сегмент од литературата, нагласила министерката.

Костадиновска- Стојчевска, како што пренесува ресорното Министерство, изразила задоволство од фактот што и издавачките куќи ја осознале важноста на сликовниците и со својата креативност и иновативност помагаат сликовниците да се „центар“ на интерес на децата.

Таа потсетила дека Министерството за култура преку Годишната програма за поддршка на проекти во културата, поддржува сè повеќе наслови од овој вид книжевен израз, посветен на најмалите.

На панел-дискусијата „Од буква до приказна“ учествувале и писателката Бистра Георгиева, Ника Гавровска, авторка и издавач на „Гаврош“, Бојан Саздов од Издавачката куќа „ТРИ“ и претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

На петтото издание на фестивалот, што годинава се одржува под мотото „Свет со љубов“, и на кое се одржаа две панел-дискусии, во фокусот беше македонската современа сликовница – предизвиците на илустраторите, писателите и на издавачите. ар/бак/

Фото: Министерство за култура 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан