• недела, 22 декември 2024

Косовската опозиција ги предаде на Уставен законите за Комисијата за медиуми и Советот на обвинители

Косовската опозиција ги предаде на Уставен законите за Комисијата за медиуми и Советот на обвинители

Приштина, 18 јули 2024 (МИА) – Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово, Абелард Тахири попладнево предаде во Уставниот суд на Косово два закони, за Независната комисија за медиуми (КПМ) и за Обвинителскиот совет (КПК), како и статутот на државниот универзитет во Приштина, „Хасан Приштина“, кои деновиве беа усвоени од Собранието, јави дописникот на МИА од Приштина.

Најголемата парламентарна опозициска партија на Косово тврди дека, како и во неколку случаи досега, со усвојувањето на спорните закони има уставна повреда од страна на владата водена од партијата Движење самоопределување на премиерот Албин Курти.

- Во својство на шеф на пратеничката група на ПДК, продолживме со три нови битки во Уставниот суд на Република Косово. ПДК смета дека последните три иницијативи усвоени во Собранието на Косово, од кои два закони и еден статут, се во целосна спротивност со Уставот на Република Косово, рече Тахири.

Според ПДК, законот за Независната комисија за медиуми и оној за Обвинителски совет на Косово претставуваат уставна повреда и ја нарушуваат институционалната независност и слобода на медиумите. Од слични причини, до Уставниот суд беше испратен и Статутот на Универзитетот во Приштина, деновиве изменет со гласовите на пратениците на ЛВВ.

Законите за КПМ и Законот за КПК кои неодамна ги изгласа Собранието наидоа на остри критики од домашната експертска јавност, но и од меѓународната заедница. иа/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан