• недела, 22 декември 2024

Корупцијата е сѐ уште загрижувачко прашање, транспарентноста и отчетноста дел од решенијата

Корупцијата е сѐ уште загрижувачко прашање, транспарентноста и отчетноста дел од решенијата
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Транспарентноста и отчетноста се најважните елементи во минимизирање на корупцијата и подобрување на интегритетот и за таа цел меѓународната мрежа за професионални услуги PwC заедно со Програмата за пристап до информации од Бугарија во периодот од ноември 2019 до ноември 2022 во нашата држава го реализираше проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност на јавната администрација во Република Северна Македонија“, финансиран од Европската Комисија, преку ИПА 2 програмата во кој главни корисници беа Државната комисија за спречување на корупција и на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Корупцијата во нашата држава, како што посочија на завршниот настан од проектот, е сѐ уште загрижувачко прашање, но, тоа треба да биде мотив и поттик за натамошни напори на ова поле - да се зајакнат институциите што имаат надлежност за истраги и за кривичниот прогон преку зајакнување на нивните капацитети, но и поголема независност, пред сѐ од извршната власт, што би довела до зголемување на број на пресуди за сторителите на корупцијата, вклучувајќи ја и конфискацијата. Директорот на проектот, Драган Давитков, на денешната завршна конференција од проектот, истакна дека преку ангажираните домашни и меѓународни експерти проектот помогнал да се изгради систем на интегритет на јавна администрација. - Успешно ги пилотираше во двете институции, воспостави методологија на следење на истите. Направивме проценка на ризиците од корупција во одредени сектори и обезбедивме поддршка за воспоставување на мониторинг систем за спроведување на националната стратегија за борба против корупцијата, рече тој. Како што рече, преку резултатите, проектот придонел ДКСК во последниот извештај на Европската Комисија за напредок на земјата да биде оценета како проактивна институција која им овозможува насоки и поддршка на јавните институции за превенција од корупцијата. Шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Мари-Мадлен Канелопулу, на настанот истакна дека транспарентноста и отчетноста се најважните елементи во минимизирање на корупцијата и подобрување на интегритетот. - Транспарентноста е предуслов за добро владеење. На сите нас како граѓани ни овозможува да ги следиме одблиску, да ги вреднуваме активностите на јавните органи и да ги држиме одговорни, рече таа. Владимир Георгиев од Државна комисија за спречување на корупција истакна дека корупцијата во нашата држава е сѐ уште загрижувачко прашање. - Меѓутоа, ова не треба да биде обесхрабрувачко, туку, напротив, треба да биде мотив и поттик за натамошни напори на ова поле. На репресивен план, потребно е да се зајакна институциите што имаат надлежност за истраги и за кривичниот прогон преку зајакнување на нивните капацитети, но и поголема независност, пред сѐ од извршната власт, што би довела до зголемување на број на пресуди за сторителите на корупцијата, вклучувајќи ја и конфискацијата, рече тој. Според него, на овој начин би се отстранила етикетата дека кај нас постои голема неказнивост. Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчова, истакна дека согласно проектот биле предвидени три главни активности за Агенцијата. - Надградба на капацитетите и надлежностите на Агенцијата. Поддршка и зајакнување на внатрешните, оперативни и институционални капацитети и поддршка на ИТ капацитетите за спроведување на законската регулатива за Слободен пристап до информации од јавен карактер, информираше таа. Целта на проектот беше да се зајакнат капацитетите на институциите-корисници и да се подобри нивното оперативно работење за да се придонесе кон зголемен интегритет и подобрена етика на јавните институции, како и подобрена транспарентност и отчетност на јавната администрација. ар/аа/

Остани поврзан