„Кораб“ од Ратка Колева-Дамњановиќ добитник на наградата „Стојан Христов“
- Поетската книга „Кораб“ од македонската поетеса Ратка Колева-Дамњановиќ е годинашен добитник наградата „Стојан Христов“ за 2025 година за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, во рамките на Струшките вечери на поезијата.
Струга, 23 август 2025 (МИА) - Поетската книга „Кораб“ од македонската поетеса Ратка Колева-Дамњановиќ е годинашен добитник наградата „Стојан Христов“ за 2025 година за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, во рамките на Струшките вечери на поезијата.
Претседателот на жири-комисијата Никола Ѓелинчески, во образложението посочи дека поетската збирка од Колева-Дамњановиќ, која живее и создава во дијаспората, се издвојувала со својата зрелост, емоционалната длабочина и префинетиот израз.
- Нејзините песни користат универзални мотиви и симболи – љубовта, осаменоста, поминувањето на времето, природните слики , но секогаш остануваат вкоренети во лично искуство, што им дава автентичност и ја овозможува непосредната врска со читателот. Така, интимниот свет на поетесата станува препознатлив и наш, истакна Ѓелинчески.
При прочитот на збирката на Колева-Дамњановиќ, Ѓелинчески вели дека се добива впечаток оти таа лесно го пронаоѓа својот глас преку кој најавтентично ќе го изрази својот поетски светоглед.
- Поетесата се нурнува во својот мајчин јазик и со леснотија успева да изрази силна емоција која се разлева скоро низ сите нејзини песни, независно дали пее за љубовта, отуѓеноста, домот... Ова е дело на поетеса која постојано ја одржува љубовта и страста кон поезијата, во која се разоткрива нејзината емотивна и интелектуална слоевитост. Со „Кораб“, Ратка Колева-Дамњановиќ потврдува дека поезијата на македонската дијаспора е жива, автентична и креативно богата, заслужувајќи ја годинашната награда „Стојан Христов, посочува Ѓеличнески. сс/нд/
Фото: Струшки вечери на поезијата