• сабота, 21 декември 2024

„Копање на емоции низ времето“ - 15 издание на „МакеДокс“ од 15 до 22 август

„Копање на емоции низ времето“ - 15 издание на „МакеДокс“ од 15 до 22 август

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Со документарниот филм „Целулоидно подземје“ во иранско-британска продукција, чиј режисер е Ехсан Кошбахт, на 15 август ќе биде отворено 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Мотото на Фестивалот оваа година е „Копање на емоции низ времето“, затоа што тематски оваа година Фестивалот се фокусира на архивата, односно користењето на архивскиот материјал во документаристиката.

Пред „Целулоидно подземје“, ќе биде прикажан документарниот филм „Како се мери годината“ на американскиот режисер Џеј Росенблат. Фестивалот ќе се одржува до 22 август, во Крушумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје.

Како што најави на денешната прес-конференција извршниот директор на фестивалот Дарко Набаков, програмата оваа година е сочинета од 92 филмови кои што се натпреваруваат во пет натпреварувачки категории - главната награда „Кромид“, наградата „Млад кромид“ за млади автори, „Сецкан кромид“ за краток документарен филм, „Кокарче“ наградата за студентски документарен филм и наградата за етички идеи во документарниот филм.

-Петнаесет години ги копаме слоевите на кромидот и дојдовме до нашето 15 издание. Овој пат Фестивалот ќе се одржува од 15 август до 22 август на пет локации во градот и ќе угости повеќе од сто странски гости, рече Набаков.

Програмскиот координатор на „МакеДокс“ Петрула Вељановска на прес-конференција напомена дека оваа година фокусот ќе биде на балканските кинотеки и користењето на архивскиот материјал во документарните филмови, секако и негова дигитализација, чување и реставрација.

-Со текот на годините сфативме дека архивскиот материјал посебно е симбиотски врзан за документарните филмови и дека е многу значаен за авторите на документарни филмови, затоа што тие најчесто преку користење на архивскиот материјал ги преобликуваат нивните приказни и даваат некои свои нови идеи, нов поглед на работите и на општествено социјалните настани. Иако архивите најчесто ги врзуваме со минатото, сепак преку архивите имаме и длабок поглед на авторите кон иднината, рече Вељановска.

Како што напомена, во фокус програмата оваа година ќе бидат прикажани архивски филмови од кинотеките од поширокиот балкански регион, при што селектираа филмови од повеќе балкански кинотеки.

-Програмата во фокус ќе ја отвориме со нашата македонска кинотека во Сули ан, потоа ќе ги имаме програмите со архивски филмови од југословенската кинотека, словенечката, црногорската, унгарската, романската, бугарската и албанската кинотека. Овој пат немаме земја во фокус, туку имаме регион во фокус и тоа се кратки архивски филмови од 60-тите и 70-тите години снимани, дигитализирани и реставрирани во балканските кинотеки, додаде Вељановска.

Што се однесува до главната програма, како што потенцираше, има филмови нови на документаристичката сцена, тоа се „Најмила Фиона“ - холандски филм кој што целосно е изработен од архивски материјали, филмот „Агент на среќата“, „Баломанија“, „Кикс“ и многу други филмови.

-Меѓу другото, тука е и филмот „Холивудгејт“, чиј монтажер на овој филм е Атанас Георгиев, а имаме и некои филмови кои што се значајни за македонската документаристика, пред се филмот на Кумјана Новакова - „Молкот на разумот“, кој што доби награда на Амстердамскиот филмски фестивал. Во програмата на „Македокс“ ќе се најде и победникот на Берлинале - „Дахомеј“ на Мати Диоп, а ќе биде прикажан и филмот „Архитектон“ на Виктор Косаковски, додаде Вељановска.

Таа појасни дека покрај другите филмови, ќе биде прикажан и филмот на нашиот режисер Бојан Тантуровски „Градина“, кој што ќе има македонска премиера на „Македокс“ оваа година.

На затворање на Фестивалот ќе биде прикажан филмот на Тамара Котевска - „Патување пеш“.

-Во програмата за кратки филмови ќе имаме околу 14 филмови. Меѓу нив е филмот од македонската режисерка Марија Џиџева „Сјајот на ѕвездата“ и филмот „Хембој“ на Елизабета Конеска. Во детската програма оваа година донесовме чешки филмови од постарата чешка анимирана школа, додаде Вељановска.

Раководителката на индустри програмата на „МакеДокс“ Сара Ферро напомена дека индустрискиот дел од Фестивалот ќе го почнат со два мастеркласа. Првиот матсерклас ќе се одржи на 17 август од 11 до 13 часот во „Лабораториум“ со режисерот Столе Попов.

Следниот мастерклас е на 18 август на истата локација со холанската режисерка Инеке Смитс и Јероеен Стаут, кој што е уредник на радио содржини.

Ферро информираше дека на почетокот на Фестивалот, од 15 до 18 август ќе се одржи работилница за користење на архивски материјали во документарниот филм „Замислување архиви“, со Кумнјана Новакова и Влад Петри, а одбрани се четири проекти од поширокиот балкански регион кои ќе работат со овие режисери.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и Doc Around Europe фестивалска мрежа.бт/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан