• петок, 05 декември 2025

Концерт на млади композитори во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“

Концерт на млади композитори во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“

Скопје, 12 октомври 2025 (МИА) - Во рамки на 48-то издание на фестивалот Денови на македонска музика, вечер од 20 часот во Националната опера и балет ќе се одржи Концерт на млади композитори, за кој влезот за посетители е слободен. 

Како што соопшти Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), организатор на фестивалот, на програмата на концертот ќе бидат нови композиции на млади автори и студенти по композиција: Сара Сиљановска, Лука Јанкуловски, Бојан Димитровски, Никола Ѓорѓиев и Зоран Трајчески, кои ќе ги изведат  нивни колеги - студенти по музика.

Уметничкиот директор на фестивалот, композиторот Филип Иванов, вели дека Концертот на млади композитори се враќа на сцената по пауза од речиси десет години и оти оваа програмска одлука „го потврдува фестивалот не само како чувар на наследството, туку и како активен двигател на новата музичка мисла“. 

-Фестивалот „Денови на македонска музика“ е клучна платформа за развојот на новите генерации музички автори – простор кој им нуди можност на младите композиторски надежи да го претстават своето творештво пред јавноста, а на публиката и музичката критика да добијат јасна слика за насоките и правците во кои тоа се развива. Преку оваа можност за изведба на делата на младите автори, ДММ не само што игра клучна улога во развојот на новото македонско музичко творештво, туку и создава мост помеѓу традицијата и иднината, соопшти СОКОМ. хс/вг/

Фото: Сојуз на композиторите на Македонија

 

 

Остани поврзан