• вторник, 08 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Концерт на групата „Баклава“ и изложба „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ во Загреб

Концерт на групата „Баклава“ и изложба „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ во Загреб

Скопје, 23 април 2025 (МИА) - Во македонскиот Културно информативен центар во Загреб вечер ќе се одржи мултимедијален културен настан во рамки на кој ќе биде отворена изложба „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, а етно концерт ќе одржи групата „Баклава“.

-Етно концертот на групата „Баклава“ која го чествува јубилејот на своето 20 годишно постоење, ќе понуди богата програма од традиционални и авторски песни испеани на повеќе јазици. Се работи за песни кои авторката Елена Христова ги селектира од целокупниот репертоар на „Баклава“. Авторката која за второ живеалиште со години ја има Турција, ќе ја запознае публиката со своите долгогодишни истражувања. На репертоарот ќе се најдат и песни од нејзиниот најнов проект „Јоруклук“. Покрај Елена Христова која е автор и носител на проектот, во групата „Баклава“ членуваат петмина врвни музичари со богата музичка кариера и автентичен музички израз кој кокетира со различни музички стилови од класична музика, поп, рок, џез, панк, традиционална и чалгиска музика, сето тоа преточено во world music, се наведува во соопштението од македонскиот КИЦ во Загреб.

Изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, македонскиот Културно информативен центар во Загреб ја реализира во соработка со македонското Здружение „Откритие“ оформено во 2023 година со основна дејност – популаризација на светското и македонското минералошко богатство. Здружението „Откритие“ во својата колекција поседува вредни примероци на природни минерали, кристали и фосили меѓу кои и примерок Алги строматолити стари 1,8 милијарди години кои се првата форма на живот на Планетата Земја.

Автори на изложбата се инженерите Деан Шкартов и Илија Петковски кои десетици години се занимаваат со промоција на природните кристали, минерали и скапоцени камења. На изложбата ќе бидат претставени експонати и реплики изработени од овој скапоцен камен. дма/лв/

Фото: Македонски КИЦ во Загреб

Остани поврзан